Новата компанија на Хенрик Фискер – Fisker Inc. покажа како ќе изгледа следното возило, дело на Данецот – EMotion. Засега само преку рендер, кој Фискер го пушти на социјалните мрежи.
EMotion ќе е модел со четири врати и форма на купе, а изгледот на предниот дел потсетува на претходниот автомобил на Фискер – Karma. Дизајнерот веќе објави дека новиот модел се јавува како природен наследник на Karma, кој сепак имаше тешка судбина, бидејки се покажа дека производството страда од низок квалитет на склопови, донаторот на батерии банкротира, бура уништи стотици подготвени автомобили на едно пристаниште и конечно фирмата на Фискер колабрира. Претходно оваа година таа беше купена од кинеската компанија Wanxiang, која најави дека ќе го прероди возилото.
Фискер ветува „револуција“ во однос на досегот на новиот електромобил – над 600 километри со едно полнење и изјави дека тоа ќе биде „рекордно достигнување меѓу сериските електрични изведби”. Сега Fisker Inc. има сопствена компанија која се занимава со развој на батериите за EMotion – Fisker Nanotech, но засега нема никакви податоци за резултатите од нејзиното работење.
Новата компанија на Фискер ќе започне со работа по моделот на Tesla – прво ќе претстави модел во премиум сегментот, по што во палетата ќе влезат и подостапни електрични изведби кои ќе се произведуваат во поголеми серии.