Образованието да наликува повеќе на дружење, да е по мера на секој ученик, а наставник да е меѓу најпосакуваните професии? Можно е и тоа, а пример е Финска, земјата во која гордо се истакнува дека образованието е право на секое дете и е целосно бесплатно – од учебници, па до екскурзии.
На училиште е како дома. Учениците седат само по чорапи. Часот почнува со ирската народна приказна за пеперутката и овчарот. Што научиле од неа, учениците покажуваат низ игра. Етика, почитување на различностите и емоции – се темите на разговор. Дури на крајот на часот сите впечатоци се сумираат и учениците пишуваат состав, пишува „РТС“.
Наставничката Марјо Дилстрорм истакнува дека финскиот модел на образование посебно води сметка за детето како личност која расте и учи и стекнува знаење за сѐ околу неа, не само во училиште и од книгите, туку и секаде и во секој момент.
„На пример, минатата недела излеговме надвор и броевме колку боровници има на еден простор. Го обележивме тој простор, го измеривме, па прво нагаѓавме колку боровници би можело да има. На крајот на часот ги изедовме“, објаснува наставничката.
За основците во Финска важи правилото дека во училиште се поаѓа дури откако ќе наполнат седум години. Првите вистински оценки ги добиваат дури на крајот на четврто одделение. Нивните наставници не ги тестираат често, можеби само двапати годишно, но финските ученици се најдобри на меѓународните тестирања, како што се PISA тестовите.
Финците не го ни кријат својот рецепт за успех. Часот трае 45 минути, како и кај нас, но по секој час учениците имаат одмор од 15 минути. Неретко на часовите предаваат и по двајца настаници, поради што можат да му се посветат на секое од децата. Во пониските одделенија нема ни класичен распоред на часовите.
„Секогаш работиме на спојување на предметите, посебно кај најмладите. Не им велиме сега имате математика, фински јазик или музичко, тие прво треба да се навикнат на училиштето. Имаат два стандардни теста, но ние често проверуваме што научиле, без тие и да знаат дека ги тестираме. За мене како наставничка тоа е тест за тоа колку добро ја совладале материјата и дали е потребно да им го предадам истиот материјал одново“, вели Дилстрорм.
Од кои учебници ќе се учи, му предлагаат наставниците на директорот на училиштето, а тој, согласно буџетот, одобрува. Сепак, за сѐ да функционира, тајната е во популарноста на професијата, велат наставниците. Голем дел од нив и своевремено биле меѓу најдобрите ученици, па и првенци на генерација. Стануваат наставници и професори бидејќи професијата е ценета исто како што се и докторите и адвокатите, на пример.
„Наставник е една од најпопуларните професии во Финска. Сите учители се високообразовани и освен психологија и педагогија, учат и мултидисциплинарен пристап. Покрај 13-те класични предмети, ние имаме и она што се нарекува вештини за 21 век. Ние во овој момент не знаеме што ќе им биде потребно на децата кои сега почнале во училиште – кога ќе го завршат образованието, односно не знаеме кои професии ќе бидат актуелни во тоа доба. Затоа нам вештините на размислување ни се најважни“, додава Сана Вахтворимен, специјален советник во Министерството за образование и култура.
Истиот принцип важи и во средните училишта. Сеедно дали учениците избрале стручно или општо образование. На професорите им се обраќаат по име, бидејќи се смета дека така се создава неформална атмосфера и меѓусебна доверба.
Од друга страна, Финците не се целосно задоволни, како што впрочем и не треба да се сѐ додека има простор за подобрување. А токму на тоа се работи – да се изнајдат подобри методи и да се вметнат подобри промени во следниот план и програма за образование, која Финците ја прават еднаш во 10 години. Имаат и визија, и тоа мошне амбициозна – до 2030-та секоја втора млада личност да биде високообразована.
„Учат како да учат. Тоа е најважно и се обидуваме да ги научиме како најдобро да го усвојат своето знаење и секој на својот начин. Таа стратегија на учење е нешто што им останува и подоцна во животот. Но важни се и социјалната способност, која ќе им користи во животот, а исто така и оние практични вештини кои ги усвојуваат преку изборот на предмети“, објаснува Џени Мераниеми, професорка во средно училиште.