На автомобилскиот салон во Париз, на крајот на септември, Peugeot ќе го претстави најновиот спортски автомобил 208 GTI. Концептната верзија на 208 GTI блесна во Женева, а како што ветија од францускиот производител, продукциската верзија е веќе подготвена и може да се нарача оваа есен, а испораката на првите возила ќе биде на стартот на идната година.
Peugeot 208 GTI, кој се смета за наследник на популарниот 205 GTI е базиран на Peugeot 208 хечбек, но со извесни промени во аеродинамиката и под хаубата. Спортската изведба вклучува аеродинамичен пакет со елегантни лакови на крилата под кои се сместени спортските петкраки 18-инчни фелни.
Пакетот вклучува и странични спојлери, заден дифузер со двоен хромиран издув со црвени детали и спојлер сместен во горниот дел од автомобилот. Екстериерот вклучува и метална рамка за предната маска чиј долен дел може да биде декориран со знамето на земјата во која е купен автомобилот. На страничите панели на задниот дел од возилото се наоѓа GTI логото, слично како и кај претходникот 205 GTI.
Ентериерот на автомобилот добива нов и освежен изглед. Има вграден кожен волан со зарамнет долен дел и нови спортски седишта обложени во комбинација од Nappa кожа и текстил. Централната конзола и таблата со инструменти се изработени од црна Alcantara со сиви рабови, а има и нови алуминиумски педали.
Под хаубата ќе биде сместен истиот 1,6 литарски турбо мотор со четири цилиндри кој се вградува и во Peugeot RCZ купе. Моторот е со моќ од 200КЅ и максимален вртежен момент од 254Nm, во спрега со мануелен 6-степен менувач. Peugeot 208 GTI има и ново подобрено потпирање и нов систем за сопирање.
Објавено во соработка со Авто Плус.