Филипче: Проширувањето на Европската Унија мора да продолжи, билатералните прашања не смеат да бидат оправдување.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска учествуваше на високо ниво во дискусија организирана од Партијата на европски социјалисти. Панелот, кој носеше наслов „Обликување на Европа заедно: Прогресивни гласови од Западен Балкан“, се одржа во Барселона.

Во своето обраќање, Филипче истакна дека Европа се соочува со сериозни закани од авторитаризам, при што прогресивните сили и социјалдемократијата претставуваат последната бариера. „Социјалдемократијата е суштинската спротивставеност на авторитарните режими. Прогресивните сили се нашата последна одбрана. Историјата нè учи дека помирувањето со авторитаризмот не само што не го слабее, туку може да го зајакне. Тоа им овозможува на екстремистичките сили да се претставуваат како умерени и прифатливи“, нагласи Филипче.

Со посебен акцент, тој се осврна на процесот на проширување на Европската Унија, нагласувајќи дека мора да продолжи и дека билатералните прашања не смеат да бидат изговор. „Проширувањето на ЕУ треба да се реализира. Прогресивците не смеат да дозволат билатерални прашања, кои не се поврзани со Копенхашките критериуми, да се користат како оправдување за вета и блокади. Секоја нова блокада не само што го попречува проширувањето, туку ја поткопува довербата на граѓаните во европските вредности“, истакна тој, додавајќи дека критериумите треба да се почитуваат, но со одговорност.

Прочитајте и:  Ливерпул однесе светло на изгледот на споменикот во чест на Жота (ФОТО)

Во освртот на состојбите во Македонија, Филипче укажа на застојот во европската интеграција предизвикан од политиките на актуелната власт. „Имаме десничарска влада која не го продолжува европскиот пат и користи изговори за блокирање на неопходните уставни измени“, изјави тој.

Тој предупреди и на зголеменото влијание на авторитарни центри во регионот, укажувајќи на поврзаноста со политиките на Виктор Орбан и Александар Вучиќ, како и на ширењето на антиевропска реторика, дезинформации и координирани медиумски кампањи.

„Заедничката акција и соработката меѓу прогресивните сили се клучни во справувањето со предизвиците. Само заедно сме посилни. Ваквите состаноци се важни за размена на искуства и градење заеднички одговор на предизвиците со кои се соочуваме“. Ова го заклучи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање.