Филипче од Атина: Преку Договорот од Преспа спорот го трансформиравме во соработка

Договорот од Преспа претставува историски момент на лидерство благодарение на кој спор беше трансформиран во соработка.

Ова го истакна Венко Филипче, директор на Фондацијата Заев „Едно општество за сите“ во своето обраќање на отворањето на меѓународната Конференција за мир и одржлив развој што се одржува во Атина, Грција.

„Договорот од Преспа е доказ дека дури и најтешките спорови можат да бидат решени кога лидерите како приоритет го имаат заедничкото добро за сите пред сè останато. Тој нè потсетува дека вистинското лидерство не значи само задржување на власта туку и негување на доверба и градење на мостови“, рече Филипче во своето обраќање.

Конференцијата, како платформа за соработка воспоставена од Фондацијата „Едно општество за сите“ и Институтот Алексис Ципрас од Грција ја реафирмира споделената посветеност за негување на свет каде што единството, мирот и одржливиот развој не се само идеали, туку и реалност во којашто живееме, потенцираше Филипче.

Прочитајте и:  Герапетритис: Доколку Северна Македонија продолжи со оваа политика, имаме средства за дополнителен притисок на билатерално и меѓународно ниво

„Нашето мото ‘Едно општество за сите’ има длабоко значење во време во кое силите на поделбата се во пораст. Нашата сила е во различноста, а инклузивноста е камен темелник за просперитетна иднина. Нашиот колективен успех лежи во способноста да се обединиме, да ги негуваме различностите и да работиме неуморно за создавање на општествово каде што се вреднува секој човек“, рече тој.

„Работејќи заедно за идеалите како мир, оджлив развој и единство оставаме наследство за идните генерации – наследство со кое можеме сите да се гордееме“, заклучи Филипче во своето обраќање.

Дводневната конференција се одржува по повод шестгодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа.

На неа учествуваат политичари, експерти, премиери, поранешни шефови на држави и премиери, европски комесари, академици од Европа, Балканот како и специјалниот претставник на ОН за прашањето за името Метју Нимиц.

- Реклама -