Филипче: Не можам да објаснувам потекло на пари за нешто што немам, немам ниту хациенда, ниту луксузно возило

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска упати апел до Владата до го стави на јавна расправа новиот Кривичен законик, кој како што посочи е изготвен и се наоѓа во Министерството за правда. Во однос на тоа зошто сега има промена на ставот, со оглед на тоа што со претходните измени застареа голем број предмети, предизвикаа реакции во јавноста и беа оправдувани од претходната влада, рече дека тоа го прави како нов претседател на сега опозициската партија откако ги увидел негативните реакции на граѓаните, но и на стручната фела.

-Има изготвен нов Кривичен законик, кој што е почнат во 2017 година од министерката Дескоска, тој е готов, завршен. Апелирам Владата да го стави на јавна расправа. Тој е нов кривичен закон, направен е целосно во координација со меѓународни институции по терк, примерок на Кривичниот законик на Германија и сметам дека што поскоро треба да биде на јавна расправа, треба да го разгледаат експерти, да го кажат своето мислење, да се вклучи стручната фела и заедно со консензус да донесеме еден таков нов, како што доликува Кривичен законик. Не е доволно да кажеме дека сме згрешиле што сме донеле таков закон, еве одиме чекор понатаму таа грешка да ја исправиме на овој начин, рече Филипче и нагласи овој чекор е и поради тоа што граѓаните го манифестирале кон СДСМ за време на изборите во смисла на освоените гласови.

Нагласи дека предлагаат едно солидно решение за продолжување по патот на соработката со меѓународните институции, кои не поддржувале изминатиот период, како и поединечни земји како Холандија, САД, кои направиле огромни инвестиции во реформирање на судството.

-Сите предложени закони се со прифатените забелешки на оценската мисија и тоа сметам дека треба да се земе предвид. Значи, имаме сосем солидни решенија. Апелирам да Владата да го стави на јавна расправа заедно да го донесеме тој закон, истакна Филипче и додаде дека згрешиле со измената во Кривичниот законик.

Нагласи дека сега тој како претседател на партијата не би затворил очи пред критиката, доколку е издржана и апелираше до Владата заеднички да го поддржат носењето на веќе подготвениот Кривичен законик.

-Дозволете да кажам дека го користам правото како нов претседател на партијата да иницирам одредени работи коишто треба да се прават. Не ја префрлам вината на никој друг. Јас сум претседател на партијата и се што било во партијата апсолутно не можам да кажам дека не сум дел во тоа. Но, како нов претседател ова се работите коишто ги иницирам. Не се тие забелешки без потреба. Тие забелешки имаат причина коишто доаѓаат од ЕК во извештајот. Ајде да не затвораме очи, ајде да ги имплементираме. Очигледно тоа е патот напред, рече Филипче.

Прочитајте и:  Филипче ѝ го честиташе изборот на Шекеринска: Уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ со членството во НАТО

Лидерот на опозицијата досега не разговарал со премиерот Мицкоски за ова прашање, рече дека ова е прва негова иницијатива во јавноста и согласно одговорот ќе ги преземе следните чекори.

-Моите очекувања се да видиме кој ќе биде одговорот поради тоа што Владата е таа која што треба да го стави законот на јавна расправа. Да видиме што ќе одговорат и што ќе кажат и согласно тоа да ги направиме следните чекори, додаде Филипче.

Во однос на целосното распуштање на сегашните состави на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, што е содржано во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, Филипче смета дека тоа не е добар знак, дека тоа не наидува на одобрување од меѓународната заедница и додаде дека сите реформи во правосудниот систем треба да се прават со меѓународна поддршка. Кажа и дека има неофицијална информација дека Владата испратила писмо во Брисел во однос на реформската агенда и побара од неа да каже што стои во тоа писмо и дали од Брисел се бара промена на реформската агенда.

Во однос на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за милионската хациенда на Водно, за поврзаноста со семејството Пановски и случајот Онкологија, вели неговата работа била чесна отсекогаш и оти обвинувањата не се издржани ниту за хациенда, ниту за возилата…

-Не можам да објаснувам потекло на пари за нешто што немам, немам ниту хациенда, ниту луксузно возило, рече Филипче и додаде дека тие се на таткото на неговата сопруга и тој воопшто не го ни посетил тој имот.

Во однос на евроинетрациите Филипче смета дека процесот е вратен десет години наназад и дека е отворен проблем, кој е целосно затворен, а тоа е проблемот со Грција.

-Мицкоски немаше ниту една конкретна средба со ниту една делегација или премиер на земја стратешки партнер за да се испорачаат нашите барања. Напротив, гледаме само сојузништво со Орбан и нејасна перспектива. ВМРО-ДПМНЕ треба да излезе и јасно да каже каде ја води државата, кој е планот, и во која временска рамка планира тоа да го направи, потенцира Филипче.

Нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ветиле подобри услови во преговорите и промена на преговарачката рамка и дека тоа граѓаните го очекуваат од нив.

-И СДСМ го чека ова и ќе го поддржи секој напор за подобри услови и гаранции кои ќе ги обезбеди ВМРО-ДПМНЕ. Но, нема да поддржиме блокада на процесот и отворање на нови конфликти, рече Филипче.

- Реклама -