Филипче: Мора да спречиме пренатрупување на болниците, ни треба сериозна поддршка од граѓаните

Здравствениот систем е подготвен и кадар има, но ќе биде потребна и сериозна поддршка од граѓаните за надминување на предизвикот со коронавирусот во претстојниот период, порача министерот Венко Филипче на денешната прес-конференција, на која информираше дека до Владата ќе предложат (заедно со Комисијата за заразни болести) нови рестриктивни мерки кои се однесуваат на домашните, но и собирите на отворено.

„Почитувани граѓани, есента дојде, состојбата со вирусот е многу сериозна – токму онака како што со месеци најавувавме дека може да се случи. Европа и светот постепено се затвораат, со силни рестриктивни мерки, кои е очигледно дека не може да ги избегне ниту една земја. Како ќе се развива состојбата кај нас, во која насока ќе се движиме, колку брзо ќе го стабилизираме и овој удар – зависи само од една работа, а тоа е однесувањето на граѓаните и почитувањето на сите мерки и препораки кои се на сила“, рече Филипче.

„Сакам да порачам дека здравствениот систем е подготвен да се бори и ќе се бори со вирусот. Имаме план за реорганизација на болнички капацитети, кадар за да одговориме на предизвикот по системот на ротација (нешто што веќе подолго време функционира), но ни треба и сериозна поддршка од граѓаните. Потребно е одговорно и совесно однесување за да превенираме пренатрупување на болниците. Тоа не смееме да го дозволиме. Сега е потребно разбирање, совесност, заедништво во надминувањето на периодот кој следи. За ова се подготвувавме, за ова информиравме со месеци наназад и сега е време сите максимално сериозно да пристапиме кон претстојниот период.

Прочитајте и:  Филипче: Нема да дозволиме враќање на системот „ало началниче“ во безбедносните и полициските структури

Воопшто не е тешко и комплицирано да се следат основните правила за заштита. Сега веќе не верувам дека има човек кој не знае како точно да се заштити себе и другите, сега е само прашање на волја да се придонесе во битката со вирусот, личната заштита и заштита на сите граѓани“, додаде министерот, притоа повикувајќи ги сите надлежни институции за санкционирање на прекршителите на мерките будно да продолжат да работат и да ги спроведуваат законите.

- Реклама -