По загрижувачките бројки изминативе денови и особено вчера, денеска ситуацијата е уште позагрижувачка. Како што соопшти министерот за здравство Венко Филипче, во последните 24 часа се забележани 364 нови случаи на Ковид-19, а во болниците се хоспитализирани 414 пациенти, најмногу од крајот на јули наваму.
Порастот на заразени во земјава, но и во регионот, Европа/ЕУ и светот, е доказ дека влегуваме во најавениот есенски бран, и затоа мора да се преземат мерки за заштите, бидејќи иако ситуацијата во земјава засега сѐ уште е под контрола, лесно може да ескалира, соопшти Филипче.
Како што истакна, тој и Комисијата за заразни болести, до Владата, ќе предложат нови рестриктивни мерки, и тоа:
• Забрана на поголеми семејни собири и прослави во домашни услови. Домаќините ќе смеат да угостат најмногу 4 гости. Како што истакна Филипче, најголемиот процент на новозаразените потекнуваат токму од ваков тип собири. Со оваа нова мерка ќе се избегне забавите од кафулињата и баровите да се преселат во домашни услови.
• Забрането групирање на јавен простор/на отворено по 22 часот на повеќе од 4 лица (по паркови, бензински пумпи и било каде на отворен простор)
• Задолжително носење маски/прекривка на уста и нос, секаде при престој на отворено и во сите затворени јавни објекти, јавен и приватен транспорт. Исклучоци се прават само при спортување на отворено (и во затворен простор со почитување на протоколите), ако сите лица во возилото се дел од исто семејство/живеат во заедница, и за децата до 6 години, рече Филипче.