Барањата за зголемување на платите потекнуваат од работниците, а не од СДСМ и премиерот треба тоа добро го знае и освен тоа што треба добро го знае треба да знае како да испланира за да ги зголеми платите на работниците, а не да продолжи со политика од едно минато време, минато владеење на ВМРО ДПМНЕ, кога Северна Македонија беше рај за ефтина работна сила, изјави денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Според лидерот на СДСМ, граѓаните и работниците виделе што значи кога една влада, Валадата на СДСМ, вистински се грижи за нив.
– Во време на три огромни последователни кризи ние најдовме пари и ги зголемивме платите. Можете да замислите што ќе се случеше ако такви кризи сега и се случуваа на оваа влада. Таа не може да се снајде во овие услови кога нема криза, а не пак, не дај Боже, ако дојде до некоја криза и што ќе биде со државата ако ВМРО ДПМНЕ ја води. Ние тоа не го дозволивме и во најтешките времиња во континуитет ги покачувавме платите на сите работници, бидејќи тие се наши природни партнери, истакна Филипче при денешната посета на Струмица на поставување камен темелник на нов пазар.
На новинарско прашање дека работниците бараат зголемување на платите, а власта за неможноста тие да се зголемат вината ја лоцира во претходната Влада, Филипче одговори дека изјавата на премиерот за доведувањето во некаква врска на синдикатите со СДСМ е навреда и понижување на сите работници и обид да се дефокусира јавноста од големите скандали кои и се случуваат на Владата од самиот почеток на работењето и, како што рече, од една ужасна неспособност на тимот на Мицкоски да се справи со сите предизвици.
-Ако владата на СДСМ можеше да најде пари во време на најголемите кризи, тогаш приказни за мали деца се дека во буџетот нема пари, рече Филипче.
За тоа дали СДСМ ќе ја поддржи интерпелацијата на собранискиот спикер Африм Гаши, претседателот на СДСМ рече дека во текот на оваа недела ќе имаат координација со пратеничката група и ќе заземат став.
Според Филипче, главно прашање е зошто ВМРО ДПМНЕ не почне постапка да се се смени Гаши во контекст на сите најави и изјави на владеачката партија за одговорно работење на секој функционер којшто е поставен на одговорна функција.
– Секојдневно слушаме како премиерот зборува за одговорност, за одговорна работа, а МВР детектираше и го стави на писмен документ несоодветното однесување и неправилно постапување на собранискиот спикер. Со тоа падна во вода ветувањето на ВМРО ДПМНЕ за одговорно владеење, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.