ФБИ тврди дека коронавирусот „избегал“ од лабораторија во Вухан, Кина ги обвинува САД за „политичка манипулација“

Кина „остро се спротивставува на сите обиди за политичка манипулација“ под превезот на потрага по потеклото на коронавирусот, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи – Мао Нинг, на денешната прес-конференција.

„Бараме САД да ја почитуваат науката и фактите и да престанат да го политизираат прашањето за потеклото на коронавирусот“, рече Мао.

Реакцијата следува по синоќешната изјава на шефот на ФБИ – Кристофер Фреј, кој рече дека агенцијата „дошла до заклучок дека пандемијата на коронавирусот најверојатно настанала како резултат на инцидент во кинеска лабораторија во Вухан“.

„ФБИ веќе некое време проценува дека изворот на пандемијата е најверојатно потенцијален лабораториски инцидент во Вухан“, изјави Вреј за „Фокс Њуз“, додавајќи дека не може да сподели многу детали бидејќи се работи за доверливи информации.

Неговата изјава следува по неделниот извештај на „Волстрит џурнал“, според кој американското Министерство за енергетика со мала сигурност проценило дека пандемијата е предизвикана од случајно истекување на вирусот од кинеска лабораторија. Сепак, како што наведува весникот, некои агенции веруваат дека пандемијата е резултат на природен пренос, а други се неодлучни, а пред два дена и портпаролот на Белата куќа изјави дека американската Влада нема конечен заклучок и консензус за потеклото на пандемијата.

Кинеското МНР, од друга страна, укажува на својот и на извештајот на Светската здравствена организација (СЗО), кој укажува на природно потекло на пандемијата, наместо на истекување на вирус од лабораторија.

Шефот на ФБИ, меѓутоа, ја обвини кинеската влада дека „прави сѐ што може за да се обиде да ги попречи и замагли напорите на САД и другите земји“ да дознаат повеќе за потеклото на пандемијата.

Извор: МИА

- Реклама -