Нови фотографии на тест прототипот на втората генерација на Porsche Panamera беа објавени на интернет просторот. Автомобилот што беше фотографиран за време на тестовите во близина на арктичкиот круг, овој пат е речиси без камуфлажа и дава слика за тоа како ќе изгледа лифтбекот.
Веќе се знае дека Panamera ќе ја користи новата платформа на Volkswagen Group – MSB, дека ќе добие нов V8 турбо-мотор, бензински би-турбо V6, како и преземениот од Audi – V6 турбо-дизел. Основниот мотор ќе биде со 4 цилиндри и моќност над 260 КЅ, а тој ќе биде искористен и за хибридната верзија – тип plug-in. Моделите со пониски нивоа на опрема ќе бидат со рачен менувач, а за останатите ќе се нуди селективна 7-степена PDK-трансмисија.
Од фотографиите јасно се гледа дека лифтбекот пораснал во димензии, а во исто време предницата е пониска и пократка од онаа на неговиот претходник. Интересно е дека Porsche планира да пушти и модификација на Panamera со продолжена база, која ќе биде понудена најмногу на пазарот во Кина. Новата платформа MSB овозможува користење на алуминиум и висококвалитетен челик, што од една страна ќе ја намали тежината на моделот, а од друга ќе ги доближи возните својства до оние на спортското Porsche 911. За тоа помага и фактот дека хидрауличниот засилувач на управувачот е заменет од електромотор. Лифтбекот ќе го задржи и системот за погон на четири тркала, кој повторно ќе се нуди како опција.
Во внатрешноста на моделот ќе се појават нови дисплеи, кои ќе бидат позајмени од Porsche 918 Spyder. Тие ќе ги заменат сегашните копчиња во возилото, чија премиера е закажана за почетокот на 2016 година.