Пред точно 10 години граѓаните на Србија, а посебно на Нови Сад, решија да го искажат своето незадволство од режимот на Слободан Милошевиќ на начин како што го немаа направено тоа дотогаш. Наместо протести, какви што имаше претходно, тие решија овојпат да направат нешто поинакво. Тоа лето, една мала група на студенти доби идеја да се направи фестивал. Фестивал каде што ќе бидат чуени и разбрани. Фестивал каков што немало дотогаш. Фестивал преку каде незадоволството ќе се изрази преку музика и забава. За ова, тие одбраа една мала шумичка покрај Факултетот за Филозофија – и така настана првиот Егзит, наречен „Exit Noise Summer Fest“. Тогаш, околу 200.000 луѓе не само што се забавуваа – туку и се разбудија. Иако летото во 2000 година наликуваше на секое друго лето, тоа лето всушност беше раѓањето на еден феномен.
Феномен кој полека, но сигурно, стана Српски бренд. 10 години подоцна, приказната е сосема поинаква.
Сега EXIT не е повеќе Српски бренд – сега тоа е светски бренд! EXIT е местото каде можеш да се искажеш, да не се срамиш кој си и што си – и сето тоа преку музика и забава. А најдоброто е што нема да бидеш сам. Покрај тебе ќе има илјадници истомисленици и љубители на добра музика.
Петроварадинската Тврдина, локацијата каде што се одржува EXIT, барем неколку дена е дом на луѓе од сите краишта на светот, дом за сите кои сакаат добра забава и дружење.
Оваа година, по втор пат, таму беше и EXIT кампот каде имаше деноноќна забава, и многу пријателски расположени странци. Во EXIT кампот не е важно од каде доаѓаш, како си облечен или каков си – важно е дека си таму. А таму сè што ти треба е шатор 🙂
Кампот е сместен над тврдината, овозможувајќи ви да бидете близу до главната забава. Оддалечен е само 20 минути пеш до EXIT фестивалот, а таму ги имате сите услови – од туш кој постојано има топла вода, па сè до место каде што можете да си ги наполните мобилните телефони. А веднаш спроти него се наоѓа паркингот за возила.
Информативните табли, кои беа речиси насекаде, им овозможуваа на странците да не се загубат низ огромната тврдина. Чести беа и бироата за информации, кои ве упатуваа во саканиот правец или ќе ви помогнат со совет. Благодарение на комуналната полиција, а и на многубројните канти за отпадоци и тоалети, тврдината секогаш беше беспрекорно чиста. Толку чиста, што не се познаваше дека претходниот ден на истото место илјадници луѓе јаделе, пиеле и се забавувале.
Но, колку и да е голема, Петроварадинската тврдина не беше доволно истражена и искористена. Дали од неспиење или лечење мамурлак, само мал број на луѓе решија да се прошетаат низ подземните тунели и катакомби, длабоки 16 км. под тврдината, а долги стотици километри. Исто така, таа нуди и прекрасни глетки на градот и на реката Дунав.
Според неофицијални извори, ова е последен пат EXIT да се одржува на Петроварадинската тврдина, која сè досега беше неразделен дел од фестивалот. Сите се согласуваат во едно – каде и да биде следниот EXIT, ќе го нема тој шмек и дух кој го нуди тврдината.
Иако фестивалот се одржуваше на тврдината, тој секако беше присутен и во градот.
За време на EXIT, улиците одеднаш се фарбаат, градот се чисти и насекаде има луѓе кои ви нудат сместување. Додека се шетате низ Нови Сад, секој миг нешто ќе ве потсети дека сега е EXIT. Постојано се делат City Guide списанија, а локалните жители знаат тоа добро да го искористат – од продажба на сувенири и саем на ракотворби па сè до кампањи кои потсетуваат на фестивалот.
Пример за тоа беше одличната кампања на Jat Airways – „Get EXITed“, која беше во самиот центар на градот и го привлече вниманието на туристите, но и на локалните жители.
„Get EXITed“ е проект кој овозможува духот и забавата на EXIT да трае повеќе од 4 дена – тој трае 10 дена во 5 различни земји. Целта на овој проект е фестивалот да се почувствува насекаде и е убаво загревање пред фестивалот.
А Нови Сад навистина може многу да ви понуди. Па така, додека чекате да почне забавата, вие можете да ги пробате домашните специјалитети, да одите на базен или пак на градската плажа Штранд (покрај која нашата наликува на нечиј двор). На плажата е дозволено капење, иако на самиот влез има знаци кои ве предупредуваат дека во реката има бактерии, па капењето е на ваш ризик.
Дали ќе се одлучите за добра храна, капење или шетање – градскиот превоз ќе ве однесе насекаде. Во градот, а и во во тврдината, постојано има мапи со линиите на градскиот превоз и кога тој доаѓа. Автобуси има и во 4 часот наутро, па така и превозот со такси може да се избегне. Впрочем, организацијата на EXIT дури и советуваше да не се возите со такси, имајќи во предвид дека тие би ви земале навистина големи суми.
Кога станува збор за организацијата, мора да се спомене дека таа беше на навистина високо ниво. Во градот постојано имаше монитори и постери кои известуваа кој настапува таа вечер, на која бина и во колку часот. А и постојано се делеа брошури за полесно снаоѓање.
На пат кон тврдината, освен пиво и сок, насекаде можеше да се купи и ракија. Од кајсија, вишња, мед… и што уште не. Но, според продавачите, на странците многу не им се допаѓала – била премногу јака за нивниот вкус 🙂
Еден од главните спонзори на фестивалот беше Туборг, па единственото пиво на фестивалот беше токму тоа – Туборг. Покрај пивото, имаше и вино – кое речиси никој не го препорачуваше. За храната, пак, имаше поголем избор. Можеше да се избере помеѓу мескиканска храна, кинеска, хот дог, плескавици, слатки, лиснати, палачинки и грицки.
EXIT продавниците исто така беа многу чести низ тврдината, каде можевте да си купите маици или накит. За жал, само тоа – иако сите се надеваа на поголем избор.
Уште на самиот почеток можеше да се види дека ова е навистина светски фестивал. Првиот ден публиката броеше околу 40.000 луѓе и таа воопшто не го штедеше својот глас. Интересно беше што и многу од изведувачите имаа научено неколку српски зборови, како на пример Мика со неговото „Шта се дешава, Нови Сад?!“ па тоа уште повеќе ги возбуди.
На секоја од бините имаше поставено голем број на тоалети, па не беше проблем ако ви се одеше „каде што царот оди пеш“. Имаше дури и чешми со вода, за освежување.
После Placebo, тие кои сè уште не беа доволно разбудени и освестени, тоа можеа да го направат на бината кај Josh Wink.
Скокање и играње до самото утро. И после директно на автобус 🙂 Во текот на фестивалот, на вкупно 20 бини можеа да се чујат и видат околу 600 изведувачи. Звукот и настапите на секој од нив беше на беспрекорно ниво.
High Control од Македонија изјавија: „Сè беше супер организирано и добивме одличен третман. Опремата која ја нуди EXIT едноставно неможе да биде подобра“. Прес центарот исто така понуди одличен третман за новинарите. Работеше од 17.00 до 03.00 часот, имаше пристап до интернет и во него се одржуваа голем број на трибини. Персоналот беше учтив и расположен да ви одговори на сите прашања.
Но, не само во прес центарот – персонал на целиот фестивал беше многу љубезен. Низ фестивалот исто така имаше и многу chill out зони, каде што можеше да се седне или прилегне на душеци и меки табуретки. Третиот ден можеше конечно да се чуе добар хип-хоп. Missy Elliott со своите изведувачи направи шоу во кое уживаа сите. Таа дури и се симна долу, меѓу публиката, па и таму испеа една песна.
Иако David Guetta почнуваше дури два часа по Missy Elliott, не можејќи да чекаат, а и да заземат убаво место, сите веднаш отидоа на неговата бина.
Тој со својот настап доцнеше околу половина час, но никој не му замери. Баш напротив – му приредија добродојде какво што не очекуваше.
Забавата заврши некаде во 5 часот наутро, но сите беа подготвени за повеќе.
И камионот на Jack Daniels овојпат беше на EXIT, веднаш до главната бина, нудејќи одлична забава. Имено, на него можеше да се пие виски со поевтина цена и да се присуствува на журките кои ги прави Jack Daniels, а кои се навистина посебни. Таму можеше дури и да се доживее 3D искуство, гледајќи го филмот за Jack Daniels. Можеше и да се игра фудбалче и други интересни игри.
Овој камион е чест гостин на сите важни европски фестивали, па неговото присуство претставуваше голема чест за EXIT. А присуството на самиот камион претставуваше голема чест за нас. На четвртиот, последниот ден, сите беа најмногу расположени.
Благодарение на финалето на Светското Првенство, атмосферата беше одлична.
Сите отидовме да гледаме фудбал на фестивалските екрани, а гледањето фудбал таму е искуство кое не се заборава. Гледавме заедно со навивачите од Шпанија и од Холандија, кои финалето ги засегаше лично.
За време на фудбалот бините беа празни. Никој не се осмелуваше да почне да свири на ваков важен настан. Дури и легендарните Faith No More учтиво чекаа да заврши фудбалот, а потоа пиеја ракија и играа оро 🙂
Испеаа шпанска песна во чест на шампионите, а потоа и српска, во чест на домаќините. Иако изгубија, Холанѓаните беа супер расположени и го правеа тоа за што дошле – играа, пееја и се смееја. По Faith No More, The Chemical Brothers направија првокласно визуелно шоу. Нивните ласери го осветлија небото над главната бина, со што фестивалот одеднаш доби нова димензија.
Никој не сакаше да си оди по завршувањето на фестивалот, никој не сакаше да се збогува со Петроварадинската тврдина и со забавата која само таа може да ја понуди. Така, брошурите што ги делат низ фестивалот и градот ви препорачуваа каде да продолжите со забавата. Ви го препорачуваат Белград, со After EXIT журките. Ако сè уште имате енергија, секако 🙂
EXIT е искуство кое не се заборава и ви препорачуваме да го искусите. Ако не сите денови, барем еден. Ова е фестивал во кој сите ве сакаат и вие ги сакате сите. Заморот од претходната ноќ веќе го нема во следната, грижите од претходната ноќ исчезнале… како и парите 🙂 Задоволството не е евтино, но веруваме дека доволни ќе ви бидат 200-250 евра за трошоци за сите денови. Меѓутоа парите нека не бидат причина да останете дома. Тоа можете да го направите и со помалку средства. Ако не сте биле досега, направете план за следната година и појдете на EXIT, каде веруваме ќе си поминете незаборавно, по што ќе им раскажувате на вашите пријатели. Добра забава, па се гледаме! До следната година!