Европскиот Парламент препорачува да ѝ се додели кандидатски статус на Украина

Брисел, 1 март 2022 (МИА) – Европратениците во огромно мнозинство ја поддржаа резолуцијата со која се бара да ѝ се додели кандидатски статус за членство во ЕУ на Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Резолуцијата е донесена со само 13 гласа „против“ и 26 „воздржани“, додека 637 гласаа „за“ на денешната вонредна пленарна седница на Европскиот Парламент.

Со ова европратениците испраќаат јасен сигнал до Украина, но и до Русија, дека Киев има целосна поддршка од единственото демократски избрано тело во Европската Унија.

Претседателот на Европскиот Совет денеска побара Европската Комисија да изготви мислење за кандидатскиот статус на Украина во ЕУ. Бројни европратеници денеска порачаа дека е итно и Молдавија да го добие овој статус.

Прочитајте и:  Полска компанија илегално испорачала стотици илјади парчиња швајцарска муниција во Украина

Конечната одлука за нови земји членки ја носи Советот на ЕУ, односно земјите членки.

До сега земјите од истокот на Европа не биле дел од процесот на проширување и на стабилизација и асоцијација. Европската Комисија ќе треба наскоро да се произнесе за иднината на Украина во ЕУ.

- Реклама -