„Европскиот фронт“ на ДУИ обвинува за јавен политички притисок врз Управниот суд и „суспендирање на принципите на Рамковниот договор“

Европскиот фронт со голема загриженост ги проследил денешните, како што велат, „скандалозни заканувачки изјави на лидерите на опозицијата кои загубија на претседателските и парламентарните избори кон Управниот суд“.

Од коалицијата истакнуваат дека ги регистрирале овие закани и ја известиле целата меѓународна заедница и сите локални и меѓународни институции за, според нив, „јавните изјави со закани, како и обидот за изборен инженеринг со надворешно-институционални меѓупартиски договори за гласање и надгласување во Државната изборна комисија, како и со партиски притисоци до управниот суд“.

„Овој обид за изборен инженеринг има за цел да го промени односот на бројките во Собранието преку политички договор на маса. Со политички договори и монструозен антидемократски план, зготвен во партиските штабови на ВМРО, СДСМ и Влен, се прави обид да се наруши волјата на граѓаните. Седницата на Државната изборна комисија беше скандалозна демонстрација на прегласување и суспендирање на принципите на Охридскиот договор“, стои во реакцијата.

„Ги повикуваме сите институции да постапат согласно Законот, без партиски или политички директиви од која било партија и да го заштитат кредибилитетот на изборниот процес до крај без да се стави никаква дамка на волјата на граѓаните изразена на избори“, порачуваат од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ.

- Реклама -