Европска комисија: Украина треба да ја засили борбата против корупцијата

Откако неколку високи украински функционери денеска поднесоа оставки поради наводните набавки на воени материјали по повисоки цени, портпаролката на Европската комисија Ана Писонеро изјави дека како дел од процесот на проширување, во кој сега се наоѓа Украина, се очекува таа да ја зајакне својата борба против корупцијата.

Станува збор особено за „корупцијата од висок профил“, рече Писонеро и додаде дека „Украина се соочува со брутална агресија и треба да работи во неколку области“.

Според Писонеро, Украина веќе презела неколку чекори, како што е назначување шеф на специјализираната антикорупциска канцеларија и отворање конкурс за нов директор на националната канцеларија за борба против корупцијата.

„Но, потребни се дополнителни напори за зајакнување на антикорупциските институции“, посочи портпаролката на ЕК.

Комисијата, наведе Писонеро, ќе ги оцени овие напори во следниот годишен извештај за напредокот на земјата кон ЕУ, што треба да излезе есенва.

Писонеро изјави дека ЕУ со години ја поддржува Украина во нејзината борба против корупцијата и дека тоа е „клучна димензија на процесот на проширување“.

Прочитајте и:  Борел предложи ЕУ да го прекине политичкиот дијалог со Израел

На новинарско прашање дали ЕУ има механизми за следење на парите што ЕУ ги испраќа во Украина, Писонеро наведе дека „што се однесува до контролата, можам да кажам дека ЕУ има повеќе нивоа на контрола и повеќе механизми за да знае дали парите одат таму каде што треба“.

Таа додава дека ЕУ и Украина имаат политички дијалог во кој се разговара за овие прашања и смета дека е важно да се каже дека ЕУ ги поддржува финансиските потреби на украинските власти, но одлучува каде се најпотребни средства.

Меѓу функционерите кои ги напуштија своите позиции се најдоа заменик-министерот за одбрана Вјачеслав Шаповалов, кој беше задолжен за логистичка поддршка на вооружените сили, заменик-шефот на претседателската администрација Кирило Тимошенко и заменик-јавниот обвинител Алексеј Симоненко.

- Реклама -