Европа останува црвена – Шпанија повторно шампион (видео)

Репрезентацијата на Шпанија го продолжи своето владеење во светот на фудбалот откако во период од четири години се закити со третиот голем трофеј, втор на европските шампионати.

Шпанците во синоќешното финале од ЕП 2012 ја декласираа Италија со 4:0, стигнувајќи до најубедливата победа во финалните натпревари од европските првенства. Воедно, „Црвената фурија“ со тоа стана и првата селекција што успеала да ја одбрани европската круна, откако се задржа на тронот на Стариот континент по триумфот од 1:0 над Германија пред четири години на ЕП во Австрија и во Швајцарија.

Селекторот Дел Боске повторно се реши за формација без ниту еден напаѓач, но тоа не им пречеше на шпанските фудбалери да им одржат лекција по модерен фудбал на своите ривали. Триумфот беше најавен веќе по 14 минути игра, кога Фабрегас одлично го проигра Давид Силва, а нискиот шпански плејмејкер постигна редок гол со глава за да ја доведе својата селекција во водство.

{youtube}aIFCP7NumTM{/youtube}

И по тој погодок „Црвената фурија“ продолжи да доминира на теренот, што резултираше со погодокот на Жорди Алба во 41. минута. Италија ја пропушти својата шанса да се врати во ова финале на почетокот од второто полувреме, кога „резервистот“ Ди Натале од идеална ситуација не успеа да го совлада Касилјас.

Нешто подоцна „Аѕурите“ останаа и со фудбалер помалку, кога Мота заработи повреда откако Прандели веќе ги имаше направено трите замени, со што стана јасно дека Италијанците нема да можат да се вратат од мртвите на оваа средба.

Во самиот финиш на сцена стапи Фернандо Торес, кој најпрвин зголеми на 3:0, пред да му асистира на Хуан Мата при четвртиот погодок, со кој што Шпанците го посрамотија противникот којшто важеше за најпријатно изненадување на овој шампионат.

Иако не постигна ниту еден од четирите гола за својата селекција, сепак за најкорисен фудбалер на ова финале беше избран Андрес Иниеста.

- Реклама -