ЕУ: На маса е финален компромис кој треба да биде прифатен од двете страни

Брисел, 30 јуни 2022 (МИА) – По најавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека е уверен оти е постигнат добар компромисен договор за Бугарија и Северна Македонија, од Советот во ЕУ ги поздравија неговите напори, јави дописничката на МИА од Брисел.

Како што објаснуваат високи дипломатски извори за новинарите во Брисел попладнево, на маса е сега ставен „финален компромис кој одговара на преокупациите што ги изразија Бугарија и Северна Македонија“.

„Ако предлогот биде прифатен ова ќе овозможи исчекор за кој ЕУ работи веќе две години“, изјави висок дипломатски извор за новинарите во Брисел.

Тој рече дека ЕУ го поздравува ангажманот на француското претседателство да се постигне заеднички прифатливо решение за отворањето на преговорите со Северна Македонија.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Доколку двете страни го прифатат предлогот веднаш ќе може да се усвои преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ за Северна Македонија, но и за Албанија, по што ќе може и да се свикаат првите меѓувладини конференции.

Од ЕУ потсетуваат дека ставот на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, е дека иднината на Западниот Балкан е во ЕУ.

„Овој предлог е резултат на активен ангажман за изнаоѓање на заеднички прифатливо решение и одговарање на преокупациите на двете страни“, велат дипломатите.

- Реклама -