ЕУ ќе обезбеди 20 милијарди за украинската одбрана во следните четири години

Европската Унија ќе обезбеди 20 милијарди евра во следните четири години за потребите на украинската војска, изјави денеска високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ – Жозеп Борел.

Тој, по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, објасни дека во рамките на Европскиот инструмент за мир, од кој ЕУ досега обезбедуваше воена помош за Украина, во следните четири години ќе има посебно поглавје со фонд од пет милијарди евра годишно.

Новиот фонд за одбрана на Украина има за цел да обезбеди сигурност и предвидливост на европската помош.

Од февруари минатата година од Европскиот инструмент за мир се обезбедени пет милијарди евра. Со овие средства на земјите-членки им се исплати надомест за оружјето и муницијата што и го доставија на Украина.

Прочитајте и:  Стано: Нападот со интерконтинентална ракета врз Украина е сигнал дека Путин не е подготвен за мир

Шефовите на дипломатиите разговараа и за односите со Турција на последната средба пред летната пауза. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган неодамна ја услови својата согласност за прием на Шведска во НАТО со заживување на процесот на пристапување на Турција во Европската Унија.

Борел на прес-конференцијата рече дека не може да се зборува само за тоа што ЕУ очекува од Турција, туку дека треба да ги гледаме работите и од другата страна – што очекува Турција од ЕУ.

МИА

- Реклама -