ЕУ ќе финансира купување на оружје за Украина

Брисел, 27 февруари 2022 (МИА) – На иницијатива на шефот на ЕУ дипломатијата, Жозеп Борел, министрите вечерва треба да дадат зелено светло за првпат Европскиот фонд за мир да се користи за испраќање оружје во Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Украина побара и голем број земји членки веќе прифатија, но Европската унија сака тоа да се формализира и да добие европска финансиска поддршка. Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Борел веќе најави денеска дека на министрите за надворешни работи на ЕУ вечерва на вонреден состанок ќе им предложи измена на Европскиот фонд за мир (ЕПФ).

До сега овој фонд се користел само за испраќање несмртоносна опрема во воени подрачја, но за првпат во Украина ЕУ се надева тој да стане начин побрзо да стигне оружјето во оваа земја, која пред една недела беше нападната од соседна Русија.

Мерката би била исто така ретроактивна, со што земјите членки на ЕУ кои веќе испратиле смртоносна опрема во Украина ќе ги добијат парите назад преку европскиот фонд, и пред сѐ, целта на ЕУ е да ги поттикне европските членки да и помогнат воено на Украина, велат во Брисел.

Прочитајте и:  Велика Британија одбива да коментира дали Украина користела „Сторм Шедоу“ проектили против цели во Русија

Доколку биде усвоен овој предлог на Борел средствата ќе изнесуваат околу 5 милијарди евра за сегашната повеќегодишна буџетска рамка на ЕУ, но со флексибилност.

Меѓутоа, некои земји на ЕУ држат до нивната неутралност, а за да се усвои предлогот потребна е едногласност. За овие земји останува опцијата да испраќаат само несмртоносна опрема, со што би можеле да го поддржат предлогот без да ја нарушат својата неутрална позиција.

Европската унија е охрабрена од воздржаноста на Кина во Советот за безбедност на Обединетите нации. Целта на европските партнери е Русија да остане сосема сама на меѓународната сцена сѐ додека трае агресијата врз Украина, ова се однесува на сите меѓународни организации – политички, културни, спортски, итн. Динамиката е веќе започната во бројни организации на Советот на Европа или ОЕЦД.

Извор: МИА

- Реклама -