Ерван Фуере: Бугарското вето го потврдува лицемерието на ЕУ во пристапот кон Западен Балкан, ЕУ мора да делува!

Пишува Ерван Фуере – поранешен специјален претставник на ЕУ во Македонија, за порталот на Центарот за европски политички студии (Centre for European Policy Studies – CEPS, тинк-тенк базиран во Брисел, чиј приоритет е изнаоѓање на решенија за „предизвиците со кои се соочува Европа денес“)

Изминатата година требаше да означи уште една клучна точка во политиката на проширување на ЕУ, со договор за отворање на пристапните преговори и со Северна Македонија и со Албанија. По неколку повторени одложувања, датумот за почеток требаше да биде пред крајот на 2020-та. Но по одбивањето на Франција во 2019 да размислува за било какво понатамошно проширување додека не се усогласи нова методологија на преговори, Бугарија дојде да ред да ја заглави работата, оставајќи ја ЕУ агендата на проширување раскината на парчиња.

Движење напред – зголемување на кредибилитетот

Политиката (на проширување) почна со позитивна траекторија, со февруарското комунике на Европската комисија за „Подобрување на пристапниот процес – кредибилна ЕУ перспектива за Западен Балкан“, кое ги адресираше француските барања и „давањето на полетност на пристапниот процес“. Ова беше поддржано од Европскиот совет во март, кој даде и зелено светло за отворање на пристапните преговори и со Северна Македонија и со Албанија, иако во вториот случај со одредени услови.

На виртуелната средбата на ЕУ со лидерите на Западен Балкан во Загреб во мај 2020, беше уште еднаш потврдена ЕУ перспективата за регионот и најавена голем финансиски пакет од ЕУ за поддршка во ублажување на најнегативните ефекти од пандемијата.

Во јули, Европската комисија го презентираше нацртот на преговарачките рамки и за Северна Македонија и за Албанија, поставувајќи ги насоките за пристапните преговори.

Духовите на историјата

Но како што наближуваа есенските и зимските европски совети, на кои се очекуваше да биде одреден датум за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, за почеток, шансите за одлука се намалија.

Со потег што уште тогаш требаше да ги запали алармите, бугарската влада испрати еднострано соопштение кое беше придодадено во заклучоците на Советот од март. Соопштението, базирано на одлуката поддржана од сите политички партии во Бугарскиот парламент, ги постави условите за кои инсистираше дека треба да бидат исполнети од Северна Македонија за да можат да почнат пристапните преговори. Тоа вклучуваше Северна Македонија да прифати дека нејзиниот јазик има бугарски корени и дека „македонскиот јазик“ или етничност не постоеле пред 1944 година. Исто така се бараше крај на она што беше наречено „државно-спонзорирана анти-бугарска идеологија“, како и одрекување од било какви претензии за „постоењето на македонско малцинство“ во Бугарија, и беше воспоставено нешто што може да биде опишано само како еднострана интерпретација на историјата на регионот. Прашањето за малцинството беше особено шокантно бидејќи им беше фрлено во лице на повторените пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур со кои се прифаќа постоењето на македонски малцински групи на нејзината територија.

Со одбивањето на Бугарија да прифати да биде одреден датум сѐ додека Северна Македонија не потклекне пред нејзините барања, и покрај најдобрите макар што задоцнети напори на Германското претседателство со Советот, ЕУ агендата на проширување налета на ѕид. Непристојната контроверза околу историјата и бугарската интерпретација на таа историја, како што доаѓаше крајот на годината, го превртија наглавечки целиот тој процес. Иако не целосно смртоносен удар, како во поговорката за Хампти Дампти кој падна од својот ѕид, ќе бидат потребни повеќе од „сите кралски коњи“ за повторно да го состават што и да е она што остана од ЕУ политиката на проширување.

ЕУ агендата на проширување – политика само на хартија

Реалноста е дека бугарското вето во декември ја зацврстува лицемерноста вградена во целокупниот пристап на ЕУ кон Западен Балкан и неговата европска перспектива. Посветеноста кон оваа перспектива, иако често повторувана во официјалните документи на ЕУ, останува во најдобар случај млака, со најголемиот дел од членките рамнодушни за да се вмешаат, што го рефлектира расположението во јавното мислење во дел од тие земји во однос на било какво идно проширување на унијата. Ова веројатно беше засилено од тековната пандемија.

И покрај напорите на Европската комисија да го унапреди кредибилитетот на пристапниот процес и да му даде „посилна политичка насока“, како што се вели во февруарското соопштение, процесот стана само сенка на она што беше во претходните децении, кога на него се гледаше како на најуспешната надворешна политика на ЕУ. Годишните извештаи за земјите на Европската комисија продолжуваат да се корисен барометар за реформското досие на секоја земја, но имаат мал импакт врз поголемата слика на нештата. Сѐ додека има стсабилност и про форма усвојување на реформи, остатокот ќе се среди сам од себе, гласи аргументот.

Дури и со двете земји чии пристапни преговори се во тек (Црна Гора од 2012 и Србија од 2014 година), темпото е многу бавно. Во осумте години кои ѝ беа потребни на Хрватска за да ги комплетира пристапните преговори и да стане рамноправна земја-членка (во 2013 година), за истото тоа време само три од 35 поглавја се затворени во случајот со Црна Гора.

Комплексноста на политиките на Балканот

Тоа што се дозволи бугарското вето да блокира одлука на Советот за почеток на преговорите со Северна Македонија не е само уште една злоупотреба на правилото за едногласност од страна на земја членка, туку исто така го покажува и недоволното разбирање во ЕУ за политичките комплексности на Западен Балкан и тешкиот товар на историјата. Многуте недоследности и фактички грешки во пристапот на бугарската влада, како што е илустрирано во извештајот на Институтот за европска политика од мај 2020 година, насловен „Пристапните преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија: Импликациите на бугарските услови“ – неспорно најтемелната анализа на бугарската позиција досега – не придонесоа за било каква промена. Всушност, обидот во декемвриските нацрт заклучоци на Европскиот совет да се вклучи бугарскиот компромисен вординг за „погрешно толкување на историјата“, ја покажа очигледната подготвеност на ЕУ да ја прифати едностраната позиција на Бугарија против земја кандидат. За среќа, реагираа владите на Чешка и Словачка – тие го одбија она што го согледоа како обид да се вклучи забелешката за „фалсификување на историјата“ во процесот на проширување.

Со обидот да се внесе историјата во пристапниот процес, бугарската влада не само што ги поткопува критериумите за пристапување, туку и се чини го игнорира големото искуство на ЕУ од повеќе од 70 години во надминување на наследството од минатото и промовирање на процес базиран на помирување и владеење на правото. Наместо да ги промовира вредностите на ЕУ на кои се обврза да се придржува со приклучувањето во ЕУ во 2007 година, (бугарската влада) ја одигра националистичката карта диктирана од домашната агенда која потсетува на империјалистичките политики од 19 век. Според оваа логика, Ирска и Велика Британија никогаш не би станале членки на Европската заедница, како што беше позната тогаш во 1973 година. Двете земји сѐ уште ја дебатираат нивната споделена историја, но во безконфронтациски манир и во заеднички институциски услови.

ЕУ мора да помогне да се решат билатералните спорови ширум регионот

Ако се дозволи оваа најнова пречка да помине непредизвикана, ќе се повтори и во низа други примери како што продолжуваат пристапните процеси, колку и да се бавни, за земјите од Западен Балкан. Регионот е преполн со спорови, било дали се околу територија, права или дури и постоење на етнички малцинства, или етничкиот идентитет на дадена историска фигура. Било кој од овие би можел лесно да стане причина за нестабилност или конфликт ако не биде соодветно канализиран. Барањата за поделби или редистрибуција на територија би можеле да ја отворат Пандорината кутија ширум регионот (како што веќе се случи во спорот меѓу Косово и Србија). Да се остави решавањето на овие спорови на земјите кои се директно засегнати – нема да вроди со плод, особено ако една од земјите инволвирани е ЕУ членка.

Она што е неопходно е проактивен дипломатски ангажман од инстанците на ЕУ. Било да е тоа Високиот претставник на ЕУ или Специјалниот претставник за Западен Балкан или некоја друга високопрофилна личност или ентитет, мора да има независно неутрално тело да овозможи медијаторство од трета страна секогаш кога ќе се јават такви спорови. Таквата медијација треба да се случува паралелно, а не како предуслов за почетокот на пристапните преговори. Дополнително, ЕУ треба да употреби многу од инструментите со кои располага за да промовира дијалог, соработка меѓу историчарите и подршка на граѓанските организации кои работат на промоција на помирување. Ќе биде потребно ништо помалку од јасна патна траекторија прилагодена на специфичностите на регионот.

На ризик се кредибилитетот на ЕУ и нејзината способност да делува ефективно во нејзиното најблиско соседство.

- Реклама -