„Експресен“: Шведска идната седмица ќе достави барање за членство во НАТО

Стокхолм, 12 мај 2022 (МИА) – Шведската Влада планира следната недела да испрати барање за членство во НАТО, по соседна Финска, пишува во денешното издание шведскиот весник „Експресен“.

Шведскиот парламент в понеделник ќе расправа за безбедносната ситуација, а премиерката Магдалена Андерсон ќе свика посебна седница на Владата на која ќе биде донесена формална одлука за апликацијата, пишува весникот повикувајќи се на неименувани извори. Барањето ќе биде испратено веднаш потоа, освен ако не се случи нешто неочекувано, велат изворите за весникот.

По руската инвазија врз Украина за која Москва вели дека е „специјална воена операција“, очекувано беше Шведска и Финска да бараат поголема безбедност во рамките на НАТО и да се откажат од својата неутралност.

Прочитајте и:  Кремљ: Американската противракетна база во Полска бара соодветни мерки

Заклучоците од ревизијата на безбедносната политика на Шведска се очекуваат во петок, а владејачките социјалдемократи сè уште расправаат дали да ја променат и да ја поддржат апликацијата. Партијата одлуката треба да ја донесе в недела.

Финскиот претседател Саули Ниинисто и премиерката Сана Марин денеска соопштија дека Финска „без одлагање“ мора да поднесе барање за членство во НАТО, на тој начин зголемувајќи го притисокот врз Шведска да го стори истото.

Финска е најблискиот воен сојузник на Шведска и единствената друга нордиска земја која не е членка на НАТО.

- Реклама -