„Се раздвижува политичката сцена. Како што ми се гледа мене, во тек е процес на дистанцирање…“, напиша синоќа на Фејсбук поранешниот потпретседател на СДСМ – Зоран Јовановски, кој му беше главен противкандидат на Зоран Заев во трката за лидер на СДСМ на внатрепартиските избори во 2013 година, а воедно и фаворит на Бранко Црвенковски. Оваа скокотлива изјава на Јовановски, кој оттогаш е надвор од политиката, доаѓа во време кога популарната е темата за наводно политичко враќање на Црвенковски, и тоа како конкурент на СДСМ на претстојните локални избори, со нова партија формирана од незадоволни членови на СДСМ, наводно.
Премиерот Зоран Заев, пак, исто како и СДСМ, не верува во шпекулациите дека поранешниот претседател на партијата, како и поранешен премиер и претседател на државата, ќе формира нова партија.
„Црвенковски не може да биде друго освен СДСМ. Не верувам во вакви приказни дека Црвенковски ќе формира партија, тоа не е точно. Но сепак, треба него да го прашате. Тој е еден од основачите, беше претседател на партијата, премиер, претседател на државата, тој е општественик. Верувам дека шпекулациите се присутни зашто во Охрид се најавува нова листа од наши докажани социјалдемократи“, изјави актуелниот лидер на СДСМ.
Според него, најавите од Охрид се должат на меѓусебни локални недоразбирања за тоа кој да биде градоначалник, советник, итн. на претстојните локални избори. Сепак, Заев смета дека овие недоразбирања можат да се решат во рамки на партијата, преку дискусии низ телата и органите на истата.
„СДСМ покажа сериозно единство и во време на опозиција и во време на преземање на власта, а нашата намера е така да продолжиме. Знае и раководството да се повлече и да прифати предлог, знае и цело членство да го прифати предлогот на раководството, затоа што само на тој начин доаѓаме до најквалитетни одлуки во полза и интерес на граѓаните и на членовите на СДСМ“, рече Заев.
По неговата изјава дека не верува дека Црвенковски би формирал нова партија, на инсистирање на медиумите, се огласија и од кабинетот на екс-шефот на државата. За „Канал 5“, од таму само кусо одговараат дека Црвенковски останува на ставот да не дава изјави во јавноста по било кое прашање.
Дека нема што да каже на темата, од кабинетот на Црвенковски одговорија и неодамна во пресрет на внатрепартиските избори за лидер на СДСМ, на дилемата дали го ажурирал членството во партијата, кое го замрзна по интервјуто на Заев за „БГНЕС“, кога ја повика СДСМ да се огради од штетните ставови изнесени во истото. Функционери на СДСМ, пак, тврдат дека Црвенковски го сторил тоа.