Екипирани работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и „Влен” за преговорите за новата влада

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Влен” ги формираа работните групи за продолжување на разговорите за евентуално коалицирање во идната влада, откако викендот ги договорија општите начела за соработка, потврдија за МИА извори од двете партии.

Како што посочуват од „Влен“ за МИА, работните групи од двете партии утре ќе ја одржат првата средба. За имињата на претставниците во работните групи, од двете партии велат дека ќе ги соопштат преку соопштение.

Соработката, како што информираше ВМРО-ДПМНЕ по средбата што се одржа во саботата во штабот на „Влен’“ ќе се базира на три постулати – евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.

– Заклучено е дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите до нивно финализирање, соопштија тогаш од ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Со буџетот за 2025 година полициските службеници ќе добијат покачување на платите

На средбата во саботата присуствуваа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со партиските потпретседатели и лидерите од партиите во Коалицијата „Влен“ – Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.

Од коалицијата „Влен“ по средбата оценија дека преговорите се одвиваат во позитивна и вистинска насока.

Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоено најмногу пратенички мандати, 58, по што следуваат Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, 18, Коалицијата ВЛЕН, 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.

- Реклама -