ЕК: Вотката што Путин му ја пратил на Берлускони ги прекршува европските санкции

Дваесетте шишиња вотка што рускиот претседател Владимир Путин му ги испратил на Силвио Берлускони ги прекршуваат европските санкции воведени поради руската инвазија на Украина, соопшти денеска Европската комисија.

Поранешниот италијански премиер Берлускони, чија партија „Форца Италија“ ќе биде дел од новата коалициска влада, неделава се најде во центарот на вниманието поради изјава дека е повторно во контакт со Путин.

„За роденден ми испрати 20 шишиња вотка и многу љубезно писмо“, вели Берлускони, кој минатиот месец наполни 86 години, на аудио снимката која беше објавена од италијанскиот „Ла Пресе“. Во истото аудио, Берлускони вели и дека тој е еден од „петте искрени пријатели на Путин“ и дека го „обновил“ неговото пријателство. Од снимката се откри и дека Берлускони му возвратил на Путин, кој на 7 октомври наполни 70 години, со италијанско пенливо вино за неговиот роденден.

Вотката е дел од санкциите на ЕУ за увоз на руски алкохол, посочија вчера од Европската комисија, но не можеа да одговорат дали е дозволено да се разменуваат подароци. Сепак, од ЕК порачаа дека од европските политичари се очекува, при контактите со руски функционери и Путин, да се држат до позициите и политиките на ЕУ.

Прочитајте и:  Остин: САД ќе обезбедат 2,3 милијарди долари нова безбедносна помош за Украина

„Разни политичари сакаат да обноват контакт… кога станува збор за земјите членки на ЕУ, тие се слободни да имаат билатерални контакт, но очекуваме да ја почитуваат позицијата и политиките на ЕУ и да ги сведат контактите на минимум“, изјави Набила Масрали, портпаролка за надворешна политика, додавајќи дека во комуникацијата со руските официјални лица, политичарите од ЕУ земјите треба да ги пренесуваат позициите на ЕУ за нелегитимната агресија врз Украина и да бараат од Русија веднаш да стави крај на војната. Од ЕК потенцираа и дека истото го очекуваат и од земјите кои не се членки на ЕУ.

ЕК и денеска остана без став по однос на прашањето за размена на „љубезни писма“ со руски владини претставници или со Путин.

До овој момент, нема најава од италијанските власти дали ќе преземат нешто во врска со прекршувањето на санкциите од страна на Берлускони.

Извор: МИА

- Реклама -