ЕК усвои стратегија и програма за индустриска одбрана: 60% од буџетот за набавки во одбраната земјите членки ќе треба да трошат во рамките на ЕУ

Европската комисија денеска ја усвои Европската стратегија за индустриска одбрана и поднесе Предлог-европска програма за одбранбената индустрија, со цел ЕУ да може да одговори на промените во безбедносната парадигма на Европа, соопшти извршната потпретседателка на ЕК за Европа прилагодена на дигиталната ера и еврокомесарка за конкурентност Маргрете Вестагер.

– Нашите трошоци за одбрана одат на премногу различни системи за оружје, првенствено купени надвор од ЕУ. Сега кога буџетите за одбрана во сите земји членки нагло се зголемуваат, треба да инвестираме подобро, што во голема мера значи заедно да инвестираме и да инвестираме европски, изјави Вестагер.

Таа нагласи дека овие предлози ќе и овозможат на ЕУ да премине од режим на одговор на кризи, кон режим на структурна одбранбена подготвеност, во која ќе биде интегрира и Украина.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел порача дека неговата изјава од пред две години дека Европа е во опасност, за жал, се уште важи во услови кога руската „брутална агресивна војна против Украина“ ги врати војните со висок интензитет на европскиот континент.

– По децении недоволно трошење, мора да инвестираме повеќе во одбраната, но тоа треба да го направиме подобро и заедно. Силна, издржлива и конкурентна европска одбранбена индустрија е стратешки императив и предуслов за зајакнување на нашата одбранбена подготвеност, изјави Борел.

Тој нагласи дека за таа цел ЕУ мора да соработува со НАТО, но исто така и да ја засили воена поддршка за Украина, вклучително и на нејзината одбранбена индустриска база.

– Оваа Стратегија означува промена на парадигмата за Унија како силен безбедносен и одбранбен актер и подобар партнер, додаде Борел.

Според еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон, со денешната одлука Европската Унија одново ја покажува својата цврста решеност и посветеност да ја зајакне одбраната и поддршка за Украина.

– Со нашата нова Стратегија за индустриска одбрана, Унијата поставува јасна визија за подобрување на нашата одбранбена индустриска подготвеност. Со Европската програма за одбранбена индустрија, Комисијата веднаш дава амбициозен инструмент за да започне конкретно спроведување на Стратегијата, истакна Бретон.

Тој потенцира дека со враќањето на конфликтот со висок интензитет на континентот, Европа повеќе не може да чека со зајакнувањето на способноста на европската одбранбена технолошка и индустриска база и нејзината одбранбена индустрија мора да произведува повеќе и побрзо.

Европската стратегија за индустриска одбрана (ЕДИС) поставува јасна долгорочна визија за постигнување одбранбена индустриска подготвеност во ЕУ, прикажувајќи ги предизвиците со кои моментно се соочува Европската одбранбена технолошка и индустриска база (ЕДТИБ), но исто така дава и можност да се искористи нејзиниот целосен потенцијал и одредува насока за следната деценија.

Според ЕК, за да се зголеми европската одбранбена индустриска подготвеност, земјите членки на ЕУ треба да инвестираат повеќе, подобро, заедно и европски и за таа цел Стратегија има за цел да ги поддржи и поттикне соработката во набавката на одбранбените капацитети, да ја обезбеди достапноста до нив во сите околности и временски услови, да ја приспособи европската одбранбена индустрија на новиот безбедносен контекст, да ја зајакне одбранбена подготвеност, вклучително и со кредитирање преку Европската инвестициска банка во текот на оваа година, да развие поблиски врски со Украина преку нејзиното учество во одбранбените иницијативи на Унијата и да го поврзе блокот со НАТО и неговите стратешки истомисленици и меѓународни партнери во поблиска соработка со Украина.

Прочитајте и:  Писториус: Прекинот на двата оптички комуникациски кабли под Балтичкото Море е саботажа

За реализација на оваа Стратегија, Европската комисија подготви и законски предлог за Европска програма за одбранбена индустрија (ЕДИП) со која земјите членки се повикуваат до 2030 година најмалку 40 отсто од одбранбената опрема да ја набавуваат заеднички. Дополнително, од земјите членки се бара до 2030 година најмалку 50 отсто од нивниот буџет за набавки во одбраната да биде потрошен во рамките на ЕУ, а до 2035 година тој процент да достигне 60.

Програмата има за цел да претставува „мост“ меѓу мерките усвоени во 2023 година, чија важност истекува во 2025 година и воспоставувањето на поструктурен и подолгорочен пристап за одбранбена индустриска подготвеност, со што ќе се обезбеди континуитет во поддршката на европската одбранбена технолошка и индустриска база во услови на новата реалност.

Предвидено е преку Европската програма за одбранбена индустрија да се мобилизираат 1,5 милијарди евра од Буџетот на ЕУ во периодот 2025-2027 година за подобрување на конкурентноста на европската одбранбена индустрија и понатамошно поттикнување на инвестиции.

Програмата, исто така, ќе ги поддржи заедничките активности за истражување и развој поддржани од Европскиот фонд за одбрана, како и за формирање на Фонд за забрзување на трансформацијата на синџирите на снабдување на одбраната.

За подобрување на одбранбената индустриска соработка со Украина, ЕУ ќе го поддржи развојот на украинската одбранбена индустриска и технолошка база и за таа цел би можела да користи дополнителни средства од профитите од замрзнатите руски средства.

За реализација на Програмата се предвидува изработка на нова правна рамка насловена Структура за европска програма за вооружување, со која ќе се олесни и зголеми соработката на земјите членки за набавка на одбранбена опрема.

Дополнително, Програмата ќе овозможи иницирање на европски одбранбени проекти од заеднички интерес со потенцијална финансиска поддршка од ЕУ, како и за формирање на Одбор за индустриска подготвеност за одбрана, кој ќе обезбеди севкупна конзистентност на активностите на ЕУ во областа на одбранбената индустрија.

Според ЕК, една посилна и поодговорна европска одбранбена индустрија ќе биде во корист и на земјите членки, на граѓаните на ЕУ, но и на клучните партнери на Унијата, вклучително и НАТО и Украина.

- Реклама -