
Европската комисија соопшти дека новите сајбернапади врз фрижидери во супермаркети во неколку земји членки се намерен обид за нарушување на снабдувањето со храна. Во нападите, според Комисијата, температурата во разладните уреди била намерно зголемена, а дел од трговците морале да уништат прехранбени производи.
Европскиот комесар за земјоделство и храна, Кристоф Хансен, изјави дека нападите се „намерен обид за нарушување“ на снабдувањето со храна во Европската Унија и за поткопување на довербата на потрошувачите. Тој додаде дека „безбедноста на храната во моментов не е загрозена, фрлањето на храната и последиците за компаниите се реални“.
Според Европската комисија, инцидентите се случиле во текот на изминатата ноќ во повеќе од 70 супермаркети во Белгија, Луксембург и Шведска, а денеска биле регистрирани и во еден супермаркет од синџирот „Селвер“ во Естонија и во Ирска. Нападот ја погодил и продавницата на „Икеа“ во југозападниот дел на Белгија.
Комисијата соопшти дека продолжува да соработува со земјите членки за зајакнување на сајбер-безбедноста и дека за координација и размена на информации ја користи мрежата CYCLON. Сајбер-безбедноста главно е во надлежност на земјите членки, но во ЕУ се применуваат и заеднички прописи за поддршка на заштитата на критичната инфраструктура, софтверот и хардверот.
Во соопштението се наведува и дека слични инциденти биле регистрирани во Франција на 12 октомври, кога биле погодени околу 700 продавници.



