ЕК „најбрзо што може“ ќе изнесе детали за македонскиот јазик во договорот за Фронтекс и како ќе фигурира

Брисел, 4 јули 2022 (МИА) – Европската Комисија во наредните часови, или денови, ќе даде детали за договорот со Фронтекс, кој Софија до сега го блокира поради македонскиот јазик, јави дописничката на МИА од Брисел.

Според македонските владини претставници, преговарачката рамка предложена од француското претседателство треба да го деблокира и договорот за Фронтекс, кој земјава досега не можеше да го потпише поради одбивањето на Бугарија во него да стои македонски јазик.

На денешниот редовен брифинг за новинари во Брисел, МИА побара одговор од Европската Комисија дали и кога овој договор ќе биде потпишан и, доколку земјава го прифати францускиот предлог, во која форма ќе фигурира македонскиот јазик, дали тоа ќе биде чиста формулација без астериск, фусноти и додавки. Европската Комисија не беше во можност веднаш да даде одговор.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

„Сега ги разгледуваме практичните импликации, вклучително и за можноста за договорот со Фронтекс, треба да се видат низа оперативни детали на таа тема, да се види кои ќе бидат импликациите врз него“, рече портпаролката на Европската Комисија – Дана Спинант.

МИА испрати писмено барање до генералниот директорат за внатрешни работи на Европската Комисија со ова прашање. Оттаму добивме одговор дека службите на Европската Комисија работат на прашањето и дека ќе испратат одговор „што е можно побрзо“.

МИА ќе информира штом добие одговор.

- Реклама -