Македонските ракометни судии, Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, не ќе можат да учествуваат на Европското првенство, што ќе се одржи од 15 јануари до 1 февруари, откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја повлекла нивната номинација.
Според изјавата на ЕХФ, сите судиски двојки мора да ја исполнуваат физичката подготвеност и да стекнат позитивен резултат на фитнес тестот пред почетокот на ЕП.
Причината за суспензијата на Начевски и Николов е наводното фалсификување на фитнес тестот, за што беа обвинети од Куќата на ракометот.
Процесот за проверка на физичката подготвеност на судиите е дизајниран да осигура дека тие ги исполнуваат стандардите за перформанси на турнирот. Ова подразбира испраќање на две видеа од т.н. „Мултистејџ фитнес тест“ – едната снимка треба да биде направена осум недели, а другата четири недели пред почетокот на ЕХФ ЕУРО. Снимките ги проценува фитнес-партнерот на ЕХФ, компанијата „Фитгуд Про“.
Откако Николов и Начевски ги испратија своите видеа, на крајот на декември, ЕХФ беше известена дека поднесените записи можеби биле изменети и не ја одразуваат веродостојната процедура на тестот. Заради оваа ситуација, ЕХФ на додатна анализа им го подложи материјалот на експертите од „Фитгуд Про“, а снимките беа предадени и на партнерите за интегритет на федерацијата.
Од ЕХФ најавија дека ќе следи дополнителна истрага и ќе објават детали во иднина.




