Една британска студија спроведена врз 2.000 возрасни испитаници, од страна на Yale, покажува дека секој трет си ги шпиунира комшиите. Скоро половина од нив признале дека ѕиркаат низ окцето на вратата или прозорецот секогаш кога надвор ќе слушнат некакви „случувања“.
Скоро пола од испитаниците можат да ги изрецитираат напамет времињата кога нивните соседи одат и се враќаат од работа. Притоа веднаш забележуваат ако некој непознат автомобил ги остави пред домот. Забележуваат и ако соседите купат нов автомобил.
Една петтина од испитаниците забележуваат кога соседите ќе ги посети за нив непознато лице. Забележуваат и кога на соседите им е доставен некаков пакет или кога ќе им стигнат онлајн порачките, забележуваат и ако соседите се караат повеќе од нормално. Над четвртина знаат дали соседот/ката има афера и го изневерува партнерот.
Четвртина од испитаниците признале дека ги шпиунираат соседите барем еднаш неделно. Третина признале дека брзаат кон прозорецот кога ќе слушнат автомобил да застане во непосредна близина. 4 од десет испитаници редовно ѕиркаат од зад завесите, а 30% гледале од прозор во затемнета соба, за да не бидат откриени. Сé на сé, околу 45% од испитаните сметаат дека добро ги знаат навиките и дневните рутини на соседите.
Од друга страна, 1 од 10 „ѕиркачи од зад завеса“ признал дека соседите го имаат фатено на дело додека ги снимал „случувањата“ во комшилук. Над една петтина сметаат дека соседите им се премногу „љубопитни“. 4 од 10 испитаници велат дека ги фатиле соседите како ги шпиунираат, било да ги гледаат од прозор додека се во дворот, било да ѕиркаат преку оградата во градината, било да се трудат да наслушнат разговори кога се во близина. 17% се скарани со соседите, било отворено или да ги избегнуваат, поради нивното наметливо однесување.
Топ 10 нешта што ќе ги забележат комшиите:
1. Промени во куќата
2. Нов автомобил
3. Време на одење и враќање од работа
4. Чести рутини
5. Посета од непознат
6. Расправија меѓу пар
7. Нарачка на храна
8. Бремена сосетка
9. Вечерни активности преку работната недела
10. Достава на цвеќе
Утешителното во целава работа е што иако повеќето ја признале шпиунажата врз соседите, рекле дека тоа е најчесто „со добра намера“ и за „да проверат дали сé е во ред“. Утешително е што и ете, можеби на нашиве простори процентите би биле повисоки, но сега знаеме дека не е стриктно „балканска ствар“.