Барајќи позелен и поекономичен облик, Рензо Риволта го продаде својот „Isetta“ мини автомобил како и неговите планови, алатки и капитал на „Bayerische Motoren Werke“ во Минхен, 1954 година. За растот на БМВ најзаслужна беше продажбата на моторцикли и производството на фини спортски автомобили пред Втората светска војна. Оставена во очајна состојба после војната, фабриката беше речиси срушена а паричните средства оскудни. Дури ниту големите и брзи автомобили наречени „Барокни ангели“ (Baroque Angels) не успеаја да го привлечат интересот на јавноста. Затоа, одговорните се одлучија за нешто сосема поинакво. Автомобилите наречени „Isetta“.
„Isetta“ беше лесно-продажен автомобил особено популарен во 1956-та и 1957-та година кога Суецката криза го прекина увозот на нафта во Европа. Во текот на осумте години во кои автомобилот се наоѓаше на пазарот, беа произведени повеќе од 160.000 „Isetta“ автомобили, не сметајќи го производството кое продолжи во Франција, Белгија, Шпанија и Бразил. Слободно може да се каже дека „Isetta“ беше од пресудно значење за обновување и закрепнување на БМВ после војната, овозможувајќи и на компанијата да ја преброди „смртта“ на тогаш популарните конвенционални патнички автомобили.