Две години условно за родители вегани поради смртта на нивното 10-месечно бебе

Словенскиот суд ги осуди родителите на 10-месечното бебе кое почина во болница во Љубљана поради нетретирано воспаление на белите дробови и акутна потхранетост, на две години условна казна, која ќе ја отслужат со општествена работа. Таквата блага казна (во однос на алтернативата) ја добиле откако ја признале својата вина за занемарување на детето, пренесуваат словенските медиуми.

Случајот е од 2011 година, но како и тогаш, и сега предизвикува големо внимание и полемика во јавноста, но и поголема ажурност на социјалните служби. Детето во болница било примено со тежина од само 3600 грама, а запрепастувачки е тоа што и двајцата родители се факултетски образовани и имаат пет други деца, но и покрај тоа одбивале здравствени прегледи и помош за лечење на бебето пред трагичниот инцидент.

Вегани кои одбивале модерна медицина

Освен што биле строги вегани и се хранеле само со зеленчук, родителите биле и заговорници на „природен“ начин на лечење, без помош од модерната медицина и лекови. Таквиот стил на живот им го наметнале и на своите деца.

Обвинението против нив било поднесено дури во 2014-та, по бројните медицински експертизи (од кои првите направени поради казненото дело „предизвикување на смрт со занемарување на дете“) кои покажале дека и покрај изразената потхранетост, кашлањето, тешкото дишење и општо слабото здравје, родителите не го однеле бебето на доктор. На крајот тоа починало во болница како последица на воспаление на белите дробови кое довело до труење на крвта.

Во текот на истражната постапка е утврдено и дека сите нивни деца имаат бројни здравствени потешкотии, како последица на неурамнотежената исхрана потребна за нормален развој.

Повеќето од децата, како што покажале дополнителните медицински прегледи, имале остеопороза, недостаток на железо и други елементи потребни на организмот. Кај едно од децата се откриени и промени во мозокот поради недостаток на витамин B12. Прегледите покажале и дека децата не биле вакцинирани.

Иако од 2011 до денес е драстично порасната (се надеваме) свеста околу здравата исхрана, вклучително и недостатоците на вегетаријанството, овој случај останува да служи како пример дека не треба да се експериментира без доволно информираност, особено не со здравјето.

- Реклама -