Две години од потпишувањето на Преспанскиот договор: „Вредеше!“ – порачуваат Заев, Димитров и Спасовски

„Се соочивме со најголемиот проблем, за многумина нерешлив, се вложивме целосно и мислејќи на идните генерации, пред две години покажавме дека чудата се возможни. Зборовите на медијаторот, Метју Нимиц: ‘по Преспа никој не може да спори дека во Северна Македонија живеат Македонци, кои говорат македонски јазик’, се најдобар доказ за исполнувањето на нашата мисија“, изјави за МИА шефот на дипломатијата Никола Димитров, кој пред две години, во Нивици, на грчката страна од Преспанското езеро, заедно со неговиот тогашен грчки колега Никос Коѕијас, го стави својот потпис на Преспанскиот договор.

„Го избравме правиот пат, што за само две години ни го донесе членството во НАТО и пристапните преговори со ЕУ. Конечно се ослободивме од навредливата придавка ‘бивша’ или ‘поранешна’ и го финализиравме процесот и државната лична карта во светското семејство на ОН.

Истовремено, со соседна Грција започнавме да градиме блискост, пријателство и сојузништво, нешто што е толку логично и природно меѓу соседи, а сепак незамисливо до неодамна“, порача Димитров, додавајќи дека претстојните избори се клучни и претставуваат нов крстопат: назад кон слепата улица или напред по вистинскиот пат кон стабилна, европска и просперитетна иднина.

По повод двегодишнината од потпишувањето, се огласи и лидерот на СДСМ, а тогашен премиер – Зоран Заев.

„Денес одминуваат точно две години откако го потпишавме Договорот од Преспа. Денес слободно можеме да кажеме – ВРЕДЕШЕ!

Вредеше затоа што станавме полноправна членка на најсилниот воено-политички сојуз во светот – НАТО. Седиме на иста маса, рамо до рамо со најуспешните, најразвиените и најсилните. Македонската иднина е обезбедена, а границите засекогаш сигурни.

Вредеше затоа што Преспанскиот договор нѐ донесе чекор поблизу до Европската Унија и конечно ги отворивме вратите на нашата ЕУ интеграција. По 15 години чекање почнуваме преговори за членство. НАТО и ЕУ се наша силна поддршка за развој, но и за соочување со предизвиците и опасностите како што е коронавирусот. Изминатиот период добивме голема помош и поддршка од нив.

Прочитајте и:  Мицотакис го информирал Европскиот Совет за „директното прекршување на Договорот од Преспа од претседателката и премиерот на Северна Македонија“

Вредеше затоа што денес имаме соседи кои силно нѐ поддржуваат. Во нашиот пат за членство кон НАТО и ЕУ, Грција сега не само што не нѐ блокира, туку и го помага нашето забрзано интегрирање.

Вредеше затоа што обезбедивме сигурна иднина за нашите деца, развојна економија и нови партнерства и пријателства. Дадовме значаен придонес за стабилноста во регионот и станавме светол пример за сите. Продолжуваме напред!“, порача Заев на Фејсбук.

„Денеска се навршуваат две години од потпишување на Договорот од Преспа. Со нашиот сосед Грција постигнавме решение за речиси тридецениското отворено прашање и се поставија основите за нашата подобра и посакувана иднина уште од независноста на земјата“, порача на Фејсбук и премиерот Оливер Спасовски.

„Договорот од Преспа е голема победа на дипломатијата и на Северна Македонија затоа што се расчисти и забрза патот на нашите евро-атлантски аспирации. Нашата земја стана членка на НАТО, а ЕУ, и во услови на КОВИД-19 пандемијата, ја подготвува преговарачката рамка за нашето членство во ЕУ.

Постигнавме историско решение за меѓународна афирмација на нашите стремежи и за реализација на нашите стратешки цели. Да бидеме да биде дел од семејствата држави со силен економски развој и просперитет, со потврден македонски идентитетот.

Македонскиот јазик или македонскиот народ повеќе не се спорни пред ниту еден меѓународен форум или настан. Свои сме на своето, признаени од сите во меѓународната заедница.

Со Грција ги отворивме страниците на пријателство. Чекориме на пат како партнери во двете најсилни и највлијателни организации. Го урнавме ѕидот што не делеше и издигнавме пријателство меѓу двете земји и двата народи, пријателство кое како сојузници ќе го чуваме, негуваме и унапредуваме“, напиша премиерот.

По повод двегодишнината, тој, заедно со министерот за надворешни Никола Димитров и министерот за дијаспора Едмонд Адеми, ќе го посети Преспанскиот регион.

- Реклама -