Двајца челници на партија на косовските Срби уапсени во Северна Митровица поради исвиркување на Курти

Лидерот на партијата на косовските Срби, Српска демократија, Александар Арсенијевиќ, заедно со потпретседателот на партијата Илија Орловиќ, беше уапсен попладнево во Северна Митровица поради нарушување на јавниот ред и мир, јави дописникот на МИА од Приштина.

Медиумите објавивја дека Арсенијевиќ и Орловиќ биле уапсени поради исвиркување на косовскиот премиер, Албин Курти, кој, придружуван од министри во неговата Влада денеска престојува на северот на Косово, населен со мнозинско српско население.

Запрашан во врска со апсењето, заменик-началникот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Ељшани за медиумите изјави дека е точно оти уапсените исвиркувале, но не кажа кон кого.

Во изјава за порталот на српски јазик „КоССев“, Ељшани рече дека уапсените ќе бидат ослободени, а ќе им биде изречена парична казна заради нарушување на јавниот ред и мир.

Во моментот на инцидентот Курти бил во неодамна отворен ресторан за брза храна на шеталиштето во Митровица. Со него се и шефот на косовскиот МУП, Џељаљ Свечља, како и косовскиот министер за локална самоуправа, Ељберт Красниќи.

Прочитајте и:  Во Косовска Митровица синоќа уапсени момчиња од српска националност, српската Канцеларија ја обвинува „антисрпската политика на Курти“

Тие претходно поставија камен-темелник за изградба на станица на косовската полиција во селото Лешак, во општина Лепосавиќ.

Во центарот на Северна Митровица, како што информира КоССев, има зголемени сили на косовската полиција, вклучително и специјални единици со оклопни возила.

Курти и министрите по престојот во ресторанот се упатија кон неодамна затворената зграда каде што функционираа паралелните српски институции во Северна Митровица.

Курти го најави проектот за изградба на парк до оваа зграда, а потоа отиде на средба со градоначалникот од редовите на неговата партија, Ерден Атиќ во зградата на општина Северна Митровица.

- Реклама -