„Дуран Дуран“ повторно во Скопје, девојките во екстаза; Новите романтични фраери на 2 јули во „Борис Трајковски“ – Вечер …1963

Еден од најпознатите светски бендови, „Дуран Дуран“, повторно пристига во Македонија. Закажан е концерт на 2 јули во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Оние што го пропуштија незаборавниот настап на отворено во 2012 година, кога бендот ја изведуваше хитот „Girl Panic“, сега имаат шанса повторно да ги чујат популарните британски артисти. „Дуран Дуран“ е познат по бројни хитови, како „Reach Up for The Sunrise“, „Notorious“, „Hungry Like the Wolf“, и „Rio“, меѓу другите.

Во 80-тите и 90-тите години, бендот не само што го привлекуваше вниманието со својата музика, туку и со своите екстравагантни спотови, во кои често настапуваа најпознатите манекенки. Тие станаа симболи на популарната култура и беа особено обожавани од женската публика, често присутни на страниците на музичките магазини и постери во собите на тинејџерите.

„Дуран Дуран“ е создаден во Бирмингем во 1978 година од клавијатуристот Ник Роудс и басистот Џон Тејлор. Името на бендот потекнува од ликот во научно-фантастичниот филм „Барбарела“. Потоа им се придружуваат Роџер Тејлор на тапани и Енди Тејлор на гитара, иако тројцата членови со презимето Тејлор не се во роднинска врска. Пејачот Сајмон Ле Бон станува дел од бендот по успешно поминатата аудиција. Во време на нивната најголема слава во 80-тите, членовите започнуваат свои самостојни проекти, додека бендот функционира како трио откако Роџер и Енди се повлекуваат. Оригиналната постава повторно се обедини во 2004 година со албумот „Астронаут“.

Според податоците на „Билборд“, „Дуран Дуран“ продале над 100 милиони албуми, а во Велика Британија, пет албуми имале успеси на топ листите во пет последователни децении. Бендот освои бројни награди, вклучувајќи две Brit Awards и две Греми награди, како и признание од MTV. Во 2022 година, тие беа примени во Рокенрол куќата на славните.

Како што најавува „Авалон продукција“, влезниците за концертот ќе бидат достапни од 19 февруари. (Н.И.Т.)

Фото: Официјална ФБ страница на „Дуран Дуран“ и Википедија