Дујовски: Одбивањето на предлог-рамката ќе предизвика ретроградни процеси, членството во ЕУ ќе ја зајакне безбедноста

Одбивањето на францускиот предлог ќе значи ретроградни процеси коишто можат да нѐ оддалечат и повторно да нѐ остават сами. Во таа ситуација членството во НАТО може да помогне, но сигурно нема да ја гарантира безбедноста на начин како што тоа ќе биде со полноправното членство на нашата држава во ЕУ, изјави деканот на Факултетот за безбедност, професор Никола Дујовски, во врска со безбедносните ризици за државата, доколку се прифати или одбие предлог-преговарачката рамка.

„Членството во НАТО е одговор на ова прашање. Членството во НАТО нам ни ја осигура безбедноста сега. Во овој конфликт помеѓу Русија и Украина ние сме многу поспокојни и како служби и како држава, затоа што разменуваме добри и квалитетни информации и нема никаков проблем во однос на напредокот на државата кон европските интеграции. Членството во ЕУ може само да ја зајакне безбедносната состојба“, истакна Дујовски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Тој очекува дека ќе имаме успех и по однос на првата стратешка цел, односно членството во ЕУ.

„Факт е дека Македонија многу тешко се движи во тој процес. Факт е дека за нас постојат и други услови, меѓутоа, тоа е реалноста. Од тоа нема бегање назад. Мора да изнаоѓаме начини и тоа е целта на политичките лидери да најдат начини како државата да стане членка на ЕУ со сите предизвици коишто ги имаме на тој пат, а верувајте ми сѐ уште не сме ни започнале со сериозните предизвици“, изјави професор Дујовски.

Извор: МИА

- Реклама -