ДУИ за назначувањето на Муслиу: Одлуката на Пендаровски не е злонамерна, очекуваме да собере информации и да ја ревидира

„Вчерашната одлука на претседателот Пендаровски за назначување на директор на Агенцијата за разузнавање нè вознемири сите и стави сенка на вчерашниот ден, кога Собранието ја донесе реформата на безбедносните служби“, изјави денеска вицепремиерот Бујар Османи во улога на портпарол на ДУИ, по однос на вчерашната одлука на претседателот Стево Пендаровски да го назначи Ерол Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање.

Османи вели дека, според информациите на ДУИ, одлуката Пендаровски „не била злонамерна“ и е донесена врз основа на недоволно информации.

„Меѓутоа ставот на ДУИ – сега зборувам како портпарол на ДУИ, е дека додека не се расветлат до крај кумановските настани, ниту еден човек кој бил дел од службите на Иванов не треба да биде на чело на таквите сензитивни институции“, вели Османи.

Тој нагласи дека во следниов период ДУИ очекува претседателот „да собере повеќе информации“ и тоа да се рефлектира на неговата одлука, односно Пендаровски да го преиспита назначувањето на Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање.

Како што објави весникот „Лајм“, назначувањето на Муслиу се смета за силна шлaкaница за ДУИ. Имено, Ерол Муслиу, кој порано работел во Управата за безбедност и контраразузнавање, а во последниве години во Агенцијата за разузнавање, уште во 2011 година бил кандидат за директор на Агенцијата, но Ѓорге Иванов не го избрал поради силната реакција од ДУИ.

Партијата на Али Ахмети тогаш го оцени Ерол Муслиу како личност без кредибилитет и „некој што учествувал во фалсификување досиеја и производство на фалсификувани документи“. Тоа се должи на неофицијалните шпекулации дека токму Муслиу стои зад обелоденувањето на наводното дocие на Али Ахмети како соработник на УДБА под името Александар Антиќ. Такашто, слободно може да се рече дека денешната реакција на ДУИ е очекувана.

Инаку, Комисијата за верификација на фактите го прогласи тоа наводно досие, како и фотографијава во продолжение што која повторно ја користат одредени портали, за НЕВЕРОДОСТОЈНИ.

 

- Реклама -