ДУИ: Времето ќе докаже кој е во право и кој ја злоупотребува иднината на државата за странски агенди

Демократската унија за интеграција го поздравува почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија.

„Утре, вторник, 19 јули 2022 година, во Брисел, Северна Македонија и Европската Унија ќе ја одржат првата меѓувладина конференција што го означува започнувањето на пристапните преговори по долгогодишно чекање за земјата и нашите граѓани. Исто така, утре ќе започне процесот на скрининг од страна на Европската Унија на сите наши институции, процес кој уште повеќе ќе нѐ доближи до европските стандарди“, велат од партијата.

Како што се вели во соопштението, ДУИ смета дека Собранието и Владата на Република Северна Македонија постапиле правилно, храбро и мудро во однос на предлогот на Советот на ЕУ, со што започнуваат преговорите, а со кој, според нив, се зачувуваат идентитетот, јазикот и културата на Македонците.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

Од ДУИ обвинија и дека „деструктивните сили во служба на странските агенди продолжуваат да сеат политики на страв кај граѓаните преку создавање на нереални ситуации за создавање политички, етнички и безбедносни тензии со единствена цел постигнување на партиски придобивки“. Но, оценуваат од партијата, „граѓаните се оградиле од овие изолирачки и деструктивни сценарија со неучеството на протестите против ЕУ“.

„Времето ќе докаже кој е во право и кој ја злоупотребува иднината на државата за партиски кампањи и во служба на странски агенди“, порачуваат од ДУИ.

- Реклама -