Реакцијата на американскиот Стејт департмент и повикот на специјалниот претставник на САД за Западен Балкан – Габриел Ескобар, до ВМРО и Левица да го поддржат европскиот пат на земјата и да гласаат за уставните измени, е јасен сигнал на кој треба да се обрне внимание, оценуваат од ДУИ.
„Ако до вчера нашите повици и барања за конструктивност се сметаа за субјективни и постојано беа игнорирани од страна на опозицијата, потврда за нивната рационалност е директната порака на САД за прекин на блокадата и заложништвото на европската иднина на земјата“, се вели во партиското соопштението.
Дојдено е време, велат од ДУИ, опозицијата да рефлектира и не само декларативно да покаже конструктивност во, како што велат, „решавачките моменти кога треба да го забрзаме чекорот кон Европа“.
„Демократската унија за интеграција е убедена дека кај македонската опозиција има европски дух кој ќе триумфира над конфузијата и субјективниот протагонизам.
Најголемиот непријател на државата е стагнацијата, затоа сите да понесеме одговорност размислувајќи пред сѐ за иднината на нашите деца“, порачуваат од Демократската унија за интеграција.