ДУИ пред Уставен суд, ќе чува „Стража на јазикот“ се до седницата на 11 декември за Законот за јазици

Пред Уставниот суд попладнево се собраа активисти на опозициската Демократска унија за интеграција, кои, како што најави партискиот функционер Арбер Адеми, ќе останат таму до 11 декември кога треба да се одржи седница за Законот за употреба на јазиците.  Адеми рече дека со иницијативата „Стража на јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд застануваат во „одбрана на Законот за јазици“.

– Собрани сме тука за да го подигнеме нашиот глас за прашања што ги засега темелите на еднаквоста на нашата  мултиетничка држава. Ова не е обичен ден, ниту обичен повик. Денес повеќе од кога било е моментот да останеме обединети за да го заштитиме тоа што сме го добиле со многу труд и жртвување. На 11 декември Уставниот суд има закажано седница за разгледување на уставноста на Законот за јазици кој не е само правен акт туку е симбол на Охридскиот договор и во него е втемелена јазичната еднаквост, изјави Адеми дополнувајќи дека укинувањето на законот значи уривање на еден од кучните столбови на овој договор.

Според Адеми, „владеачката коалиција без легимитет наместо да се работи за заедничка иднина, таа разденува и напаѓа.

– Ова не е прашање на обичен закон, туку е прашање за нашите права како рамноправни граѓани, нашиот идентитет и иднина како општество, нашата иднина. Охридскиот мировен договор е нашата гаранција за праведно и еднакво општество. Од денес ќе останеме тука пред Уставниот суд ден и ноќ, на мирен начин да ти заштитиме нашите права и да осигураме дека нема ниту една одлука да го уништи она што го изградивме со жртвување. Ова не е иницијатива на една политичка партија, нагласи Адеми.

Прочитајте и:  Агелер: Се надевам дека ниту една политичка партија или личност не би работела на дестабилизација на својата земја, тоа не е во ничиј интерес

Тој ги повика граѓаните од сите етнички заедници да се приклучат во иницијативата.

– Ги повикуваме сите Македонци, Албанци, Турци и сите останати заедници, сите оние кои веруваат во правда и правичност, да ни се приклучат кон оваа иницијатива. Ова не е момент за пасивност, туку момент за заедничко делување. Сега е моментот да го заштитиме јазикот, иднината и нашите заеднички еднакви права , наведе Адеми.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција соопшти дека со коалицискиот партнер Вреди разговараат за Законот за употреба на јазиците, кој в среда, 11 декември, е на дневен ред на разгледување од Уставниот суд, но порача дека никој не треба да интервенира кај Судот за оваа „тековна постапка“.

Рече дека „во среда нема ништо да се случи“, затоа што пред „какво било акција“ на Уставниот суд претходат подготвителни седници.

Според него, целта на ДУИ е поделба по етничка основа и дека такви обиди ќе има и во иднина од таа политичка партија.

-Затоа што принципот „како до сега“ заврши на 8 мај и тој принцип е поразен. Но, се уште покажува знаци на живот и гледаме дека единствената тема со која Демократската унија за интеграција е присутна во јавност е да направат  одредена поделба по етничка основа, ги третираат само етничките прашања, затоа што на друг начин не можат да привлечат  внимание, ниту да наметнат тема, ниту да привлечат луѓе коишто ќе ги поддржуваат. Бидејќи се обидоа со „зелената агенда“, видовте како завршија, и се вратија сега во опозиција на единствената тема којашто за нив можеби носи некаков резултат, рече Мицкоски на прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања.

- Реклама -