Демократската унија за интеграција не ја прифаќа Резолуцијата за македонските „црвени линии“ во спорот со Бугарија што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе до Собранието. На денешната средба со најголемата опозициска партија во македонскиот блок, тие побарале сите партии да го усогласат текстот и по него да се гласа. Како што изјави шефот на пратеничката група на ДУИ – Арбер Адеми, ДУИ ја поздравува конструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ, но смета дека треба да се работи на спроведување на реформите без дополнителни пречки. Адеми додаде и дека ДУИ сметаат дека националниот идентитет, јазик и култура не треба да се теми на дискусија.
И Алијанса за Албанците и Алтернатива засега не даваат поддршка за Резолуцијата. Според нив, проблем е што СДСМ и ДУИ имаат различен став по ова прашање и бараат тие меѓусебно да се усогласат. Конкретно, посочуваат на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, од една страна, кој за резолуцијата изјави дека ќе им наштети на националните интереси, и изјавата на Костадин Костадинов – од друга, кој рече дека СДСМ ќе ја поддржи таква каква што е предложена. Дополнителен став коалицијата на Алијанса и Алтернатива ќе заземат откако за ова прашање ќе се дискутира во партиските тела, велат тие.