Дуда: Светот не би ѝ простил на Русија за користење нуклеарно оружје, кој прв ќе го повлече ќе биде проколнат

Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека заканата на Русија да го задржи правото на користење нуклеарно оружје не е ништо ново, но оти рускиот претседател Владимир Путин и неговите генерали многу добро знаат дека кој прв ќе посегне по атомска бомба прво ќе биде проколнат и светот никогаш не би ѝ го простил тоа на Русија.

– Ако на тоа гледаме ладнокрвно, без паника, треба да се каже дека (Путин) го повторува она што со години е запишано како руска воена доктрина, дека Русија го задржува правото да ги користи сите средства, очигледно и нуклеарното оружје, со кои располага во случај на опасност за Русија, рече Дуда синоќа за полската приватна телевизија ТВН24.

Коментирајќи ги последните закани дека Русија би можела да употреби нуклеарно оружје, полскиот претседател рече дека тоа не е ништо ново.

– Меѓутоа, Владимир Путин знае совршено добро, како и неговите генерали, дека првиот што ќе употреби нуклеарно оружје ќе биде проколнат. Никогаш повеќе нема да се ослободи од таа одговорност ако употреби нуклеарно оружје. Дури и во најмала мера. Никогаш. Светот тоа нема да им го прости, рече полскиот претседател, кој престојува во Њујорк на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации.

Прочитајте и:  Велика Британија одбива да коментира дали Украина користела „Сторм Шедоу“ проектили против цели во Русија

Анджеј Дуда потсети дека кинескиот претседател Си Џинпинг јасно му рекол дека не може да замисли дека некој може да посегне по нуклеарно оружје.

Полскиот претседател сепак оцени дека е сосема можно Русија да ги нападне украинските нуклеарни електрани со конвенционално оружје, како што изрази стравување претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

– Доколку Русија ги нападне нуклеарните електрани со проектили, опасноста би била голема. Се надевам дека тоа нема да се случи. Нема сомнеж дека во случај на сериозни информации, или недај Боже да почне таков напад, Меѓународната агенција за атомска енергија треба итно да интервенира, рече Дуда.

Полскиот претседател додаде и дека во САД го чека средба во поширок круг, каде најверојатно ќе биде и украинскиот претседател, со американскиот претседател Џозеф Бајден.

– Постојано настапувам со порака за поддршка за Украина. Таа војна може да заврши само со протерување на руската армија. Тоа значи дека руската армија ќе биде поразена. Украина мора да има инструменти за тоа, рече Дуда во интервјуто со дописникот на ТВН24 од САД.

- Реклама -