Дождот ја зафати Македонија, најмногу наврна во Струмица

Најниска утринска температура од нула степени е измерена на Попова Шапка, додека најмногу дожд во изминатите 24 часа наврнал во Струмица, каде што се измерени 25 литри на метар квадратен, покажуваат податоците од метеоролошките станици.

0
Илустрација: Дождот ја зафати Македонија, најмногу наврна во Струмица
Илустрација

Температура од два степени е измерена во Маврови Анови, четири степени во Крушево и Лазарополе, а шест степени во Претор и Куманово.

Во Прилеп се измерени шест степени, додека седум степени имало во Тетово, Берово, Крива Паланка, Штип, Скопје – Зајчев Рид, Охрид, Виница, Битола и Велес. Најтопло утрово било во Гевгелија, со измерени 10 степени.

Според измерените количини на врнежи, по Струмица следуваат Виница со 24 литри на метар квадратен, Демир Капија со 20, Штип и Крива Паланка со по 19, како и Гевгелија со 18 литри на метар квадратен.

Во Кавадарци наврнале 16 литри на метар квадратен, во Претор 15, во Битола и Крушево по 13, а во Велес 11 литри на метар квадратен.

Времето денеска ќе биде претежно облачно, со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни и ќе надминат 25 литри на метар квадратен.

Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец, а максималната температура ќе се движи од 11 до 15 степени.

Во Скопје ќе биде претежно облачно со повремен дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта. Ќе дува слаб ветер од северен правец, а максималната температура ќе достигне до 14 степени.

Извори: Опсервер, Нетпрес, МКД.мк