Достапна апликацијата на Министерството за здравство за следење на ширењето на коpoнавирусот (ЛИНК)

На веб страната stop.koronavirus.gov.mk веќе е достапна апликацијата мобилната апликација „Стоп Корона!“ на Министерството за здравство за полесно следење на контактите на лицата кај кои е потврден коронавирус. Апликацијата има за цел полесна контрола на ширењето на новиот коронавирус и брзо пронаоѓање на заболените од Ковид-19, а воедно и му овозможува на корисникот да биде известен доколку контактирал со лице кај кое е потврден коронавирусот.

„StopKorona! e мобилна апликација изработена според најдобрите светски практики во справување со Корона вирусот, наменета за откривање близок контакт со потенцијално заразени лица преку постапка за детекција на блискост на мобилни уреди/апликации преку Bluetooth технологија.

Целта е мобилната апликација да даде брз одговор на здравствените органи со кои лица бил заразениот во близина во изминатите 14 дена“, стои во описот на апликацијата.

„Апликацијата комуницира преку Bluetooth со другите корисници на апликацијата и разменува енкриптирани, анонимизирани податоци за оддалеченоста на сите уреди кои се во ваша близина, на далечина релевантна за ширење на заразата, определено време во текот на изминатите 14 дена.

Во случај некој корисник на апликацијата да заболи од вирусот, Министерството за здравство, ќе побара корисникот на апликацијата да ја сподели со Министерството листата на неговите записи во апликацијата, по што надлежните ќе ги детектираат телефонските броеви и ќе ги информираат лицата дека биле во контакт со лице кое е носител на COVID-19 , водејќи сметка за целосна заштита на приватноста“, објаснуваат од Министерството.

Во упатството за користење, Министерството потсетува да вклучите Bluetooth секогаш кога сте во движење надвор од дома, за да може апликацијата да работи.

АПЛИКАЦИЈАТА ПРЕЗЕМЕТЕ ЈА ТУКА.

 

- Реклама -