
„Мора да водиме сметка да градиме најдобри односи со Србија и ние во власта во Република Српска не калкулираме во тој поглед. Најдобрите односи со властите за нас се примарна политичка задача“, изјави Додик за телевизијата АТВ.
Тој потсети дека своевремено го поддржувал и поранешниот српски претседател Борис Тадиќ, нагласувајќи дека негова обврска е да соработува со официјално избраните претставници на Србија.
„Ние од Република Српска мора така да постапуваме. Мора да бидеме со официјално избраните луѓе во Србија“, рече Додик.
Само една недела пред изборите, Додик ги повикуваше гласачите од Република Српска да го поддржат Вучиќ, а за студентското движење тврдеше дека неговиот политички пораз ќе биде историски настан.
„Ете, се обидовте, не успеавте, народот не ве сака, довидување, пријатно“, им порачуваше тогаш на противниците на Вучиќ.
Но, по изборната победа на Студентската листа, која освои околу 140 од 250 пратенички места, Додик уште истата вечер им ја честиташе победата на студентите.
„Ѝ честитам на Студентска листа за победата. Граѓаните на Србија и сите политички чинители уште еднаш го покажаа демократскиот карактер на еден од најстарите државотворни народи во Европа“, напиша Додик, додавајќи: „Гласот на народот е гласот на Бога“.
Додик изборната ноќ ја помина во штабот на Српската напредна партија во Белград, каде што присуствуваше и кога Вучиќ го призна изборниот пораз.
Сега, и покрај острите критики што ги упатуваше кон студентското движење, Додик порачува дека сака добри односи со сите што ќе ја предводат Србија.
„А како јас да избегнам добри односи? Сакам да имам добри односи со сите“, изјави тој.



