„Додека јас се борев против Заев, Мицкоски си градеше хидроцентрали“, вели Тодоров откако Мицкоски го обвини дека „кукавички“ избегал кај Заев

„Додека јас го напаѓав и се борев против Заев и СДСМ, Мицкоски си градеше хидроцентрали“, вели поранешниот министер за здравство во владата на Никола Груевски – Никола Тодоров, во изјава за „а1он“, како одговор на јавната прозивка од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за „Лидер“.

„Додека јас го напаѓав и се борев против СДСМ и Заев, ВМРО победуваше. Откако Мериот-коалицијата му ги собра потписите и го избра Мицкоски за претседател на партијата, негова обврска е да го напаѓа, да се бори и да го победи СДСМ. За жал, Мицкоски само губи од Заев. Има две можни причини за постојаните порази кои Мицкоски ги остварува: или е тотално неспособен претседател, или намерно губи од Заев, за да не одговара за тоа што работеше или не работеше, додека беше директор на ЕЛЕМ“, рече Тодоров, употребувајќи дел од зборовите на Мицкоски.

Според Тодоров, изборот на Мицкоски како наследник на Груевски бил грешка. Тој побара од него да си замине од челната позиција во партијата:

„Мицкоски, оди си! Доста ни е од твојата хидро-група и од твоите порази. ВМРО не е Мицкоски, ВМРО е многу повеќе и многу поважно од тебе. Оди си за да можеме да го победиме Заев и СДСМ. Равенката е едноставна: Мицкоски си оди, Заев си оди. Мицкоски претседател на ВМРО, Заев претседател на Влада. Оди си, за спас на ВМРО!“, порачува Тодоров.

Мицкоски, пак, претходно го обвини и дека е еден од главните советници на СДСМ во манипулирање на јавноста. Коментирајќи го наративот дека Мијалков, заедно со Груевски, го поставил на чело на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече:

Прочитајте и:  Мицкоски: Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот, ќе се покаже кои се пратениците

„Тоа беше обид на СДСМ и на Зоран Заев и на Оливер Спасовски, сега претпоставувам дека имаат скапо платени луѓе кои што работат на нивните односи со јавноста, и велат ‘сега ајде да го лепиме Сашо Мијалков до Христијан. И на тој начин ќе ја санираме дел од штетата’. Потоа тука има заробеници од типот на еден поранешен министер за здравство, кој што како последна кукавица избега во последните моменти во 2017-тата година од Штабот на ВМРО-ДПМНЕ и избега затоа што беше исплашен дека може да одговара за сето она кое што го сработил или несработил додека министерувал“.

Според Мицкоски, Тодоров е главен советник на оваа власт и се обидува на, како што вели тој, невешт начин, да сервира определени информации кои се апсолутно неточни:

„Имаше тогаш јавен повик од страна на партијата да се кандидираат претседателски аспиранти итн. Во тој момент единствен кој што аплицира бев јас со комплетна документација и имаше уште една некомплетна документација. И 370-380 делегати на конгресот во Валандово ме избраа, а меѓу нив беше и тогаш Сашо Мијалков. Но меѓу нив беа и останатите 369 делегати“, рече Мицкоски во интервјуто.

Како што пишува „А1он“, ова е прво отворено јавно препукување меѓу поранешниот министер за здравство и актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -