И покрај сите забрани и покрај сите предупредувања од лекарите, сè уште сето тоа како да не допира до свеста на оние кои не можат без цигара. Веројатно многумина се сеќаваат дека имаше интересен напис во еден од претходните броеви на Емитер за штетноста од пушењето и дека пушењето носи неповратно стотици милиони жртви. Сето тоа е така, па сепак луѓето пушат.
Можеби не можат да сфатат што ги чека или се со слаб карактер и не можат да им речат НЕ на цигарите. Е, за овие еве една добра вест и информација. Пушачите кои имаат доволни количини Б6-витамин и одредени есенцијални аминокиселини во крвта имаат помал ризик од заболување од рак на белите дробови. Ова сознание е заклучокот на најновото истражување на британската Агенција за истражување на ракот (ИАРЦ).
Научниците од ИАРЦ велат дека тој податок е можеби клучен во објаснувањето зошто некои пушачи заболуваат од рак, а некои не. Во студијата направена врз 400000 луѓе се покажало дека високото ниво на витаминот Б6 и аминокиселината метионин го намалува ризикот од заболување од рак за 60 %. Инаку, како што е познато, ракот на белите дробови е најчеста болест во светот и 90% од сите случаи се предизвикани од пушењето. Секој седми пушач ќе заболи од таа болест, а секој десетти пушач развива болести на срцето и емфизем болест на белите дробови. Овие статистички резултати се исклучително неповолни за пушачите, а објавени се неодамна во Journal of the American Medical Association.
Научниците во истражувањето вклучиле 900 заболени од рак на белите дробови од кои најголем број биле пушачи и утврдиле дека пониското ниво на витаминот Б6 и аминокиселината метионин го зголемува ризикот за заболување. Витаминот Б6 и метионинот се наоѓаат во месото, рибата, јаткастите плодови, пченичните никулци и бананите.
Веста е добра, истражувањето исто така, но сепак не пушете – опасноста од пушење е страшна, особено за младата популација!
Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР