Гласините за тоа дека Renault се подготвува да го препороди името Alpine, кои датираат од многу одамна, конечно, на крајот на мај ќе станат реалност, со официјалното откривање на веќе подготвениот концепт.
Минатата есен во салонот во Франкфурт, менаџерот за производство на компанијата Alpine, Беатрис Фуше, потврди дека брендот е подготвен да го поврати стариот сјај од пред неколку децении. Неколку месеци подоцна, таа изјави дека работите конечно созреаја како што тие посакувале и дека наскоро ќе биде лансиран првиот модел.
Првенчето од ребрендирањето на Alpine може да биде купе, изградено врз сосема нова модуларна платформа, чијшто развој започна во 2010 година. „Моделите на Alpine можат да влезат во гамата на нашето спортско одделение Renault Sport“, истакна таа.
Повеќе од јасно е дека Renault подготвува концепт во чест на 50-годишнината на моделот Alpine A100. Автомобилот ќе биде претставен на F1 трката за големата награда на Монако, на крајот на мај. ZAR, како што ќе се вика новината, ќе поседува технологија позајмена од Nissan GT-R.
Објавено во соработка со Авто Плус.