Home Астал Џафери: Спроведовме европски избори, очекувам овој процес да го следи и идната влада

Џафери: Спроведовме европски избори, очекувам овој процес да го следи и идната влада

0
Џафери: Спроведовме европски избори, очекувам овој процес да го следи и идната влада

„Шансата е пред државата и пред новата влада, а исто така и одговорностите. Сега треба и мора да се продолжи по европскиот пат со преточување на граѓанската волја во новата извршна власт. Граѓаните очекуваат реализација на ветеното, но и стабилно, предвидливо и напредно општество, во кое ќе се чувствуваат сигурни, во чекор со развиениот демократски свет“, рече техничкиот премиер на денешната прес-конференција по повод 100 дена од работата на преодната влада

Се обврзав пред граѓаните дека ќе овозможиме слободно изразување на граѓанската волја на двојните претседателски и парламентарни избори и оваа приоритетна обврска, која беше доверена согласно Уставот и законите и јас како премиер и Владата, доследно ја исполнивме.

Премиерот на техничката влада, Талат Џафери на денешната прес-конференција

Ова го кажа техничкиот премиер Талат Џафери на денешната прес-конференција по повод 100 дена од работата на преодната влада задолжена за спроведување на изборниот процес.

Во тој контекст, Џафери на почетокот на своето обраќање рече дека Владата спровела европски избори во двата изборни круга, во слободни, мирни, фер и демократски изборни процеси. Овие избори, како што додаде тој, ќе се споменуваат по тоа како може и како треба да се работи во интерес на граѓаните.

„Со тоа со право може да оценам дека придонесовме во европското поведение на земјата којашто стреми да биде членка на Европската Унија. Потврда на моите зборови се и честитките и изразите на почит од нашите европски партнери. Ако по нешто се оценуваат европските и демократските капацитети на една власт, тогаш тоа се изборите“,

рече Џафери.

Тој дополнително изрази благодарност и до институциите и до граѓаните, затоа што, како што рече, биле на висината на одговорноста и придонеле кон заложбите државата да напредува според европските вредности.

„Токму вака на дело се работи за големата европска идеја“,

посочи техничкиот премиер.

Џафери рече оти очекува овој процес да го следи следниот владин состав, затоа што, како што додаде, иднината на Република Северна Македонија, мирот, спокојот и перспективата на граѓаните се директно поврзани со напредокот евроинтеграциите и реализацијата на полноправното членство во Европската Унија до 2030 година.

„Шансата е пред државата и пред новата влада, а исто така и одговорностите. Сега треба и мора да се продолжи по европскиот пат со преточување на граѓанската волја во новата извршна власт. Граѓаните очекуваат реализација на ветеното, но и стабилно, предвидливо и напредно општество, во кое ќе се чувствуваат сигурни, во чекор со развиениот демократски свет“,

рече Џафери.

На одбележувањето на 100 дена од формирањето на техничката влада, Џафери рече дека со чист образ, мирна совест и должна почит кон граѓаните може да оцени дека тоа што го најавил кога стапил на должноста, дека ќе работи во интерес на сите граѓани во државата, го спровел во изминатите сто дена.

Неговото именување како прв премиер Албанец во Република Северна Македонија, рече тој, е уште еден придонес за демократијата во државата.

„Продолживме по стратешкиот евроатлантски колосек којшто е од највисок државен интерес. Учествував во важни меѓународни настани, со цел афирмација на стартешките евроатлантски определби, реализирав многубројни средби на значајни меѓународни настани со високи претставници на Стејт департментот на државите членки на Европската Унија, со премиери од Западен Балкан. Ги донесовме и сите други потребни одлуки од значење за квалитетот на живот на граѓаните, согласно надлежностите што ни ги овозможуваат Уставот и законите. Пред сè, овде мислам на решенијата што ги изнајдовме за приоритетните проблеми и во таа насока спроведената ефикасна координација со и помеѓу институциите“,

рече техничкиот премиер додавајќи дека со тоа што дошол од законодавниот дом, каде што беше претседател, имал можност да се насочи на прашања коишто биле иницирани од поодамна, а за кои имал можност да најде решени во својство на премиер.

Техничката влада беше избрана на 29 јануари годинава, на 100 дена пред одржувањето на изборите. Непрецизниот мандат трае до изборот на новиот владин кабинет.

Инаку, според првичните официјални резултати од 100 отсто пребројани гласови од вториот круг на претседателските избори, победник е кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова со освоени 561 001 глас, додека нејзиниот противкандидат, актуелниот претседател на државата кој со поддршка на СДСМ се бореше за втор мандат, освоил 251 881 глас.

На парламентарните избори, според првичните официјални резултати на ДИК, апсолутен победник е коалиција „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ со најмногу освоени пратенички мандати – 58.  Потоа следуваат коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ со освоени 19 пратенички мандати, коалицијата „За европска иднина“ предводена од СДСМ со 18 мандати, коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ има 13 пратеници, Левица – 6 и „Движење ЗНАМ – За наша Македонија“ исто така шест мандати.

Останатите партии и коалиции кои учествуваа на парламентарните избори не успеаја да освојат доволно гласови за да обезбедат место во Собранието кои брои вкупно 120 пратенички места.  

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here