Дизајнот речиси никогаш не бил меѓу силните страни на Subaru и затоа јапонската компанија одлучи да работи сериозно во тој правец. Доказ за тоа е концепт моделот Viziv, кој е прикажан на салонот во Женева.
Токму тој треба да покаже дизајнерскиот стилски правец кој ќе го следат идните модели на брендот.
Името Viziv е, како што потенцираат од Subaru, од Vision for Innovation, што значи дека моделот ги навестува и идните технологии на јапонската марка, а не само новата дизајнерска филозофија. Технички Viziv се потпира на хибриден состав, комбинација на дизелски агрегат и електромотор. Моќноста на машината сепак засега се чува во тајност. Се знае само дека во комбинацијата влегуваат 2.0 литарски боксер, безстепена вариаторна трансмисија и два електромотори, за погон задната оска, независни еден од друг. Токму електромоторите се одговорни за движењето на концептот на мала брзина во градски услови. Тогаш дизелот игра улога на генератор, а се вклучува само кога има потреба од сериозно забрзување. Според Subaru откажувањето од стандардната трансмисија е со цел да се зголеми просторот во внатрешноста, особено на задната клупа. Седиштата се одделени од централниот панел, односно Viziv има само 4 места.
Viziv располага и со системот EyeSight која работи со податоци од стерео-камери. Технологијата ги препознава условите на патот и го прилагодува агрегатот и трансмисија според нив. Кросоверот со 3 врати е релативно компактен, со 4.320 mm должина и 1.900 mm ширина и меѓуоскино растојание oд 2.640 mm. Kонцептoт e пократок и поширок од серискиот Subaru Forester.
Текстот е објавен во соработка со АвтоПлус.