Димитров: Ставот дека затоа што направивме компромис со Грција треба и со Бугарија, е мешање баби и жаби

„Оние коишто велат и коишто мислат дека тоа што ние успеавме да ја тргнеме блокадата од Грција преку Преспанскиот договор, па сега ќе мора и околу Бугарија да направиме компромиси за да ја тргнеме нивната блокада, вусшност прават една грешка што нашиот народ ја нарекува мешање на баби и жаби, или пак Американците тоа го нарекуваат мешање на портокали со домати“, оценува вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, во интервју за МИА.

Според него, има суштинска разлика во природата на самите спорови, а со тоа и разлика во двата договори. Како што посочува, едниот од нив – тој со Грција, суштински го решава проблемот. Другиот, оној со Бугарија, создава механизам за надминување на проблемите.

Преспанскиот договор беше возможен затоа што македонскиот идентитет не беше чепнат. Софија, од друга страна, со прашањата кои ги отвора, навлегува во нешто во коешто нема право, а тоа е македонскиот идентитет, појаснува Димитров, потенцирајќи дека националните идентитети и јазици се дел од правото на самоопределување на секоја нација и не се предмет на признавање или непризнавање. Со признавањето на сувереноста, од друга страна, конкретно од страна на Бугарија, таа го признала сувереното право на македонскиот народ да биде кој сака (Македонци) и да зборува како сака (македонски), истакнува вицепремиерот.

Правото на самоопределување, кое е наша работа, е потврдено и со Лисабонскиот договор, Повелбата за основни човекови права на Европската Унија и куп други документи на Европската унија, па оттаму, смета Димитров, решението со Бугарија може да се бара само во рамките на меѓународното право, меѓународните договори, и почитувањето. Притоа, тој посочува дека и во самата Преамбула на Договорот за добрососедство со Бугарија, стои дека двете земји ќе градат блиски и пријателски односи врз основа на заемно почитување. Тоа заемно почитување апсолутно вклучува и почитување на нашето суверено право да бидеме тие кои сме, Македонци кои зборуваат македонски јазик, додава тој.

Прочитајте и:  Сиљановска Давкова за МИА: Можеме на друг начин да му пристапиме на Договорот за пријателство со Бугарија

Како што истакна, Договорот од Преспа, кој затвори едно прашање што на Македонија ѝ било обврска од Советот за безбедност на Обединетите нации уште од 93-та година, бил можен единствено затоа што Грција го прифати нашето право на самоопределување и ние сме го зачувале македонскиот идентитет.

Според него, ако да се има исто гледиште на историјата било услов за ЕУ, унијата немало да постои.

„И да се биде европски значи да се научи да се живее со овие разлики и покрај разликите да се градат добри односи и да се создава пријателство итн… Тоа во историјата го нарекуваат мултиперспективност, да речеме. И јас мислам дека за нас како Македонци е здраво со целосно отворени очи да погледнеме назад во сопствената историја. Меѓутоа, тоа не може да биде на штета на сегашноста на нашето право на самоопределување и не може да се случи под уцена. И ние и Бугарите и многу други балкански народи имаат изрека ‘Со сила убавина не бидува’ “, порача Димитров.

Тој истакна и дека „е време малку да одмориме од овој проблем и практично од Бугарија“, барем додека не биде познат исходот од тамошните парламентарни избори, напролет, кога би продолжиле разговорите. Наместо тоа, треба да се фокусираме на европеизација дома. Сепак, вицепремиерот за европски прашања е убеден дека ЕУ не може да си дозволи таков луксуз и оваа 2021 година да помине со неуспех во проширувањето. Целото интервју ТУКА.

 

 

 

- Реклама -